Второ издание на „Имам нешто да ти кажам“ – поетско читање на авторска поезија во „Шила“

Четврток, 17 мај со почеток во 20:00 часот во кафе и бар „Шила“ ќе се одржи второто издание на „Имам нешто да ти кажам“- поетско читање на авторска поезија од аматери-вљубеници во пишанот збор. Првото издание кое се одржа на 19 април предизвика доста голем интерес па на барање на авторите и публиката организаторите се одлучија за втор настан.

Како што вели еден од организаторите Јован Цветкоски, постдипломец на Филмската академија во Охрид и член на НАТГ „Аматер“:

„Позитивно сме изненадени од посетеноста и заинтересираноста. Охриѓани покажаа дека се желни за секој вид на уметност и дека се големи љубители на пишаниот збор па безрезервно го поддржаа овој проект, кој се надеваме дека ќе прерасне во убава навика кај Охриѓани и дека секој ќе може да стане и да си ја каже маката или тоа што му лежи на душа во уметничка форма, преку поезија. С`е додека има заинтересираност и посетеност како првиот пат, убеден сум дека ова може да стане една убава традиција, каде ќе можеме барем еднаш месечно, да си застанеме во Шила, да ја негуваме уметноста и убаво да си поприкажеме“.

Претстојниот настан е уште еден во низата квалитетни културни вечери организирани во „Шила“ – концептуален кафе-бар кој с`е  повеќе се истакнува како алтернативна арт-сцена во Охрид.

„Ги охрабруваме креативците од сите сфери да не контактираат во врска со промоција на нивниот труд. Отворени сме за соработка и споделување на уметноста во секоја нејзина форма“– порачуваат од менаџерскот тим.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk