„Единствена Македонија“ основа свој општински комитет во Охрид

Вчеравечер, пред стотина свои приврзаници, новоребрендираната партија „Единствена Македонија“ го основа својот охридски општински комитет. Пред присутните за идеите и целите на партијата зборуваа претседателот Јанко Бачев и потпретседателот Стефан Влахов Мицов.

Тие се осврнаа на актуелната состојба во Македонија и ги искажаа своите ставови за радикален пресврт на македонската политика, особено по патот за самоопределувањето.

Меѓу другото, ги искажаа своите планови и стратегии за потребата од единството на македонскиот народ и потребата од една вистинска македонска политичка пролет во насока на зачувување на македонскиот идентитет.

Потпретседателот на партијата Стефан Влахов Мицов истакна: „За да се спротивставиме на туѓите радикализми, мора да бидеме и ние радикални, но да знаеме зошто: за името, за јазикот, за идентитетот – за тоа мора да бидеме радикални. Ние сме цврсти и единствени и во тие правци остануваме со намера за неколку месеци да го вратиме македонското единство.“

Јанко Бачев, претседател на партијата „Единствена Македонија“ порача дека Македонија мора да биде поединствена.

„Верувам дека многу брзо ќе создадеме македонска критична маса која со цврсто единство и патриотизам ќе се спротивстави на сите предизвици пред кои е исправена Македонија како држава и како нација. Најбитно е сега што ќе има многу скоро гео-политички поместувања и ние од „Единствена Македонија“, заедно со македонскиот народ ќе ги решиме сите домашни проблеми. Значи, македонската пролет започнува иако задоцнето, но, како што велат нашите стари: никогаш не е доцна да се направи нешто добро и во одбрана на Македонија!“, рече Бачев.

По оформувањето на општинскиот комитет, првите луѓе на Единствена Македонија отворија дебата која траеше повеќе од еден час, при што присутните имаа можност да ги искажат своите ставови и своето незадоволство од актуелните македонски состојби и во истовреме да сугерираат сосема спротивен приод во политиката „кон вистинските и чесни Македонци посветени на Македонија“.

OХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk