Каролина Гочева: Се радувам на вечерашниот концерт во Охрид

Македонската поп дива Каролина Гочева вечерва ќе одржи голем концерт во Охрид, во салата „Билјанини извори“. Каролина гостува во Охрид, во рамките на нејзината турнеја за промоција на последниот албум „Извор“.

„Задоволство ми е што после концертите во Скопје сме баш во Охрид. Се радуваме што викендов сме тука, Охрид е еден омилените градови на сите нас. Вечер ќе ги изведеме песните од новиот албум, но и некои постари песни. Доаѓаме со десет музичари и јас се надевам дека ќе донесеме дел од атмосферата на тоа што се случуваше до пред една недела на претходните концерти“, рече Каролина на денешната прес конференција.

Таа посочи дека албумот се снимал во текот на изминатата година, а целиот процес на осмислување траел две години.

Од организаторот на концерот, „Feel“ продукција посочија дека во изминатиот период заедно со матичната куќа на Каролина – „Авалон“ продукција работеле на подготовките за концертот  за кој посочија дека ќе помине во најдобар ред, бидејќи се преземени сите мерки истиот да биде организиран според сите стандарди.

„Ги покануваме сите во Охрид и да поминат незаборавни моменти. Ќе имаме еден фантастичен 8-мо мартовски викенд во нашиот прекрасен Охрид“, посочија од „Feel“ продукција.

Концертот ќе се одржи вечерва во спортската сала „Билјанини извори“ со почеток од 21 часот. Билетите се продаваат по цена од 500, 600 и 1.000 денари (VIP) во сите маркети на „Тамаро“ во Охрид и Струга, а од 18 до 21 часот ќе може да се купат и на билетарницата при СРЦ „Билјанини извори“.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk