СВР Охрид поднесе кривична пријава против екс директор на Центарот за здравје

Поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластувања“, СВР Охрид до надлежното ОЈО, поднесе кривична пријава против 56-годишно лице од Делчево (со живеалиште во Охрид). Истовремено поднесена е кривична пријава и против 48-годишно лице од Охрид поради основано сомнение дека сторила кривично дело „помагање“, а во врска со кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластувања“.

„Во периодот од 2012 до 2017 година, првопријавениот во својство на тогашен директор на ЈЗУ „Центар за јавно здравје“ Охрид, со искористување на својата службена положба и овластување, свесно ја оштетил здравствената установа во износ од 261.773 денари. Имено, тој на 96 патни налози и патни сметки за службени патувања, при ставање гориво од повеќе бензиски пумпи, не го впишувал регистарскиот број од табличките на возилото со намера да прикрие дека користел приватно возило за свои потреби во кое се ставало горивото, иако здравствената установа имала четири службени возила“, информираше Стефан Димоски, портпарол на охридската полиција.

Дополнително, пријавениот набавувал патни сметки од други лица и други патувања по што ги спојувал со фалсификуваните патни налози во кои лажно прикажувал дека бил на службен пат. Потоа во ракопис изготвувал лажни несоодветни извештаи од службените патувања, непоткрепени со соодветни акти и свесно прикажал направен трошок за гориво кој воопшто не бил направен за службени потреби. Со така подготвените сметки за патарини и фалсификуваните патни налози, побарал од благајната на ЈЗУ „Центар за јавно здравје“ да му се исплатат паричните средства. Фалсификуваните сметки за искористеното гориво за приватни потреби, ги приложувал во службеното сметководство на здравствената установа за поврат на платени средства подигнати како аванс, наводно за службени потреби.

Пријавената, пак, во својство на претседател на управниот одбор на ЈЗУ „Центар за јавно здравје“ Охрид, во периодот од 2012 до 2017 година со неизвршување на својата службена должност односно со свесно пропуштање на вршење на должен надзор над патните налози кои и биле доставени за одобрување и заверување, му овозможила на првопријавениот да се стекне со посочената противправна парична корист. Пријавената помогнала во извршувањето на кривично дело на првопријавениот преку заверка и со свој потпис, за одобрување на спорните 96 деловни патни налози за неговите службени патувања. Тоа го направила иако била должна да забележи дека сметките биле со прилози без регистарски таблички од службените возила од Јавната здравствена установа и дека имало несоодветни сметки за гориво и патарини и без дополнително потребната документација.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk