Претставници на АППТ на средба со Стојаноски: најавено формирање туристичка инспекција

Од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) на Република Македонија информираа дека се интензивира меѓуинституционалната и регионалната соработка со цел зајакнување на туризмот и подобрување на соработката на локално и национално ниво.

По состанокот со министерството за економија каде почнува основниот развој на туризмот, како следна активност на АППТ се одржал работниот состанок со дел од општините од Југозападниот регион, кој во основа претставува еден од најголемите и најбогати региони за туристички промет во Република Македонија.

„Работната средба со градоначалникот на градот Охрид, д-р Јован Стојановски се одржа со цел продлабочување на соработката во делот на поддршка на туризмот, интензивирање на промоцијата на градот Охрид и заеднички настапи со АППТ на саемите за туризам – со приоритет на саемот за туризам во Република Србија, кој се одржува следната недела. Овој саем е од посебна важност за градот Охрид поради фактот дека најголемиот број на туристи во Охрид се од Република Србија, а соработката за промоција на саеми ќе продолжи и на саемите во Хрватска и Германија“, велат од АППТ.

Темите кои се дискутирале за време на состанокот, а се од посебен интерес за АППТ и градот Охрид, биле во насока на инвестициите и можностите за инвестирање, како и измените на законските процедури.

Законот за угостителство во делот на категоризација на објекти и формирање на туристичка инспекција се наметнуваат како приоритет за решавање, со што се постигнала обострана согласнот дека ќе се пристапи кон барање од туристичкото стопанство за формирање на туристичка инспекција, како и заштита на некои природни споменици како Студеничкото блато и изворите на реката Дрим во Охрид како атракции за еко туризам и нивна заштита.

На средбата со градоначалникот на градот Струга, д-р Рамиз Мерко било договорено отпочнување на заедничка соработка во делот на промоцијата и поддршката на туризмот, односно заеднички настап на саемски манифестации, пред се за саемот во Тирана, Албанија.

Било дискутирано и за потенцијални инвеститори и инвестициски можности во струшкиот регион, посебно во веќе формираните и новоформирани туристички развојни зони, коишто се интерес и на локалната самоуправа. Во контекст на ова, градоначалникот Мерко потенцирал дека ќе се работи на продлабочување на пристаништето во градот Струга со што ќе се овозможи поврзување на Струга со целокупното охридско крајбрежје со една бродска линија, што ќе претставува атрактивна пловна атракција за градот Струга, како и за Република Македонија.

 

Како што посочуваат од АППТ, работните средби од овој тип се со цел интензивирање на развојот на туризмот, подобрување на регионална соработка, како и соработката на локално и национално ниво по принципот „од доле-нагоре“, со што ќе се овозможи менаџирање на локалните дестинации за интензивирање на развојот на одржливиот туризам на ниво на целата држава.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk