ВМРО-ДПМНЕ: Поскапувањето на водата го изгласаа советниците од СДСМ

Општината се разбуди од зимски сон. По молчењето и признавањето на сите досегашни обвиненија најдоа храброст да се огласат и тоа замислете со соопштение преполно со лаги. Да е уште покомично се дрзнуваат да го обвинат ВМРО-ДПМНЕ за нешто што тие го изгласале. С`е што е изнесено е невистина само за да се оправдаат. Престанете да се однесувате како опозиција, Ве потсетуваме дека сте на власт и така треба да се однесувате, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на денешната реакција од Општина Охрид.

„Точно е дека пред фактите сите молчат, но и вистината е шило. Граѓаните препознават кои се фактите и вистината, исто како што ги знаат и вашите политички игри за кои не можете повеќе да ги манипулирате. Сметките се во нивни раце и знаат која е вистината, а таа е една дека: Советниците на СДСМ на седницата на Совет одржана на ден 22.12.2017 година ја изгласаа скандалозната одлука за поскапување на цената на водата. Охриѓани поради нив плаќаат повисоки сметки“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе се грижи за намалени трошоци и подобрување на животнииот стандард и услови за граѓаните. Врз основа на тоа е поднесена Информација со предлог одлуки по однос на одлуката за давање на согласност на одлуката за утврдување на тарифи за вода на МЈП „Проаква“ и Одлуката за давање согласност на одлуката за утврдување на тарифа за собирање и одведување на урбани отпадни води за регулиран период 2018-2020 година на ЈП „Нискоградба“ – Охрид“, додаваат од опозициската партија.

Оттаму ги повикуваат советниците од СДСМ доколку се грижат за граѓаните заедно со нив да го прифатат барањето предметните одлуки да бидат поништени и во сила да се вратат старите ценовници, бидејќи само така ќе докажеле дека сакаат да донесат живот.

„Градоначалникот Јован Стојаноски да се фати за работа, пред с`е со домаќинско работење, штедење и давање на работа на Јавните претпријатија да го санира евентуалниот минус во работењето на јавните претпријатија, а не вака на терет на граѓаните да ги полни касите на јавните претпријатија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk