Поради снежните врнежи забранет сообраќајот кај превојот Буково

Поради обилните снежни врнежи на подрачјето, СВР Охрид презема засилени мерки за безбедност и контрола на сообраќајот и спроведува мерки за забрана на движење на тешки товарни возила кон планинските премини „Пресека“, „Буково“ и кон граничниот премин „Ќафасан“.

„Напоменуваме дека забрана за движење кон планинскиот превој „Буково“ важи и за патничките моторни возила. Во таа насока, полициски службеници од полициската станица за безбедност во патниот сообраќај, поставија сообраќајни контролни пунктови кај „Подмолје“ на магистралниот пат Охрид-Кичево и кај „Емо“ во близина на селото Косел на магистралниот пат Охрид-Ресен“, вели Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.

На овие патни правци не се дозволува движење на тешки товарни возила, а од СВР посебно напоменуваат дека забраната за движење се однесува и на патничките моторни возила.

„Поради тоа, а со цел избегнување на несакани последици, апелираме на исклучива нужност во користењето на патничките автомобили а кон споманите патни правци и целосно почитување на важечките забрани за движење на тешките и други моторни возила и секако почитување на инструкциите и насоките на полициските службеници кои се на терен. Воедно, потсетуваме дека за сите моторни возила неопходно е носење и користење на зимската опрема“, велат од СВР Охрид.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk