Од 1 јуни нова авиолинија Скопје-Варшава

Почнувајќи од 1 јуни, LOT Polish Airlines ќе ја воведе првата директна авиолинија од Варшава до Скопје, објавуваат заедно ТАВ Македонија и ЛОТ Полиш ерлајнс.

Летовите на оваа линија ќе сообраќаат речиси секој ден, односно 6 пати неделно, освен во недела, со модерни Ембраер воздухоплови. Билетите се веќе во продажба, преку Контакт-центарот на LOT, на интернет страницата www.lot.com, и кај продажните агенти.

Ембраерите на LOT секој понеделник, среда и петок ќе полетуваат од Аеродромот „Шопен“ во Варшава во 10:35 часот за да пристигнат во Македонија во 12:40 часот. Патниците на летот од Скопје за Варшава ќе заминуваат во 13:20 часот. Секој вторник, четврток и сабота летот од Варшава е закажан да полета во 14:25 часот, а да слета во Скопје во 16:30 часот. Поаѓањето од Скопје е планирано да биде во 17:10 часот, додека пристигнувањето во Варшава е во 19:15 часот.

Летовите до Македонија ќе се опслужуваат со Ембраер 170 и 175. Во зависност од типот на воздухопловот, ќе има 70 – 82 седишта достапни во три класи: економска, премиум-економска и бизнис класа.

„Скопје во Македонија е комплетно нова дестинација во понудата на LOT. Земјата е секоја година сé повеќе популарна кај туристите, воодушевувајќи ги со својата историја, регионалната кујна и културната разновидност. Нашите патници штотуку добија можност да се запознаат со различните туристички вредности на таа неверојатна земја. Сигурен сум дека многумина ќе ја искористат оваа можност уште ова лето. Од друга страна, решивме да им овозможиме на патниците кои што патуваат од Македонија најповолни патувања до Европа, Скандинавија или нашите воздушни конекции во САД. Сигурен сум дека нашата нова понуда ќе ги исполни очекувањата и на оние што патуваат деловно и на оние што патуваат заради одмор и рекреација,“ изјави Адриан Кубицки, Директор на Корпоративни комуникации и Портпарол на LOT.

Распоредот на летови е креиран така што патниците кои што патуваат од Скопје да имаат пристап до брзи и погодни летови за конекции од Аеродромот Шопен во Варшава до, меѓу останатите и, дестинации во Соединетите Американски Држави (JFK или Њуарк, Лос Анџелес, Чикаго), Канада (Торонто) и Западна Европа, на пример Скандинавија. Трансферите на LOT преку центарот во Варшава, до JFK, Чикаго или Лос Анџелес, почнуваат за само 80 минути од пристигнувањето на аеродромот во полската престолнина.

„Задоволство и привилегија ни е да ја најавиме Варшава како нова дестинација од Скопје, авиолинија што досега не сообраќала од главниот град на Македонија. Очекуваме оваа авионска линија, што ќе сообраќа 6 пати во неделата, во текот на летната сезона, да се покаже како многу успешна. Со ова полските туристи ќе имаат можност да ја посетат и да ја откријат Македонија, а во исто време и граѓаните на Македонија и на соседните земји ќе имаат можност да патуваат со директна линија до Варшава и да ја доживеат Полска. Оваа авиолинија, исто така, ќе послужи за двете земји да ги зајакнат бизнис-врските, да се овозможи подобра комуникација со Источна Европа, како и трансатлантски летови до многу дестинации во светот кои се понудени од Варшава“ изјави Алпер Ерсој, Генерален директор на ТАВ Македонија.

LOT моментално лета до вкупно 12 дестинации на Балканот. Освен до Скопје и Подгорица, во текот на летната сезона авиокомпанијата исто така ќе лета и до: Дубровник (нова конекција што ќе почне сообраќање од мај – шест летови неделно), Загреб (зголемување на фреквенцијата од 10 на 14 летови неделно), Сплит (два лета неделно), Пула (еден лет неделно), Задар (два лета неделно), Белград (зголемување на фреквенцијата од 9 на 11 летови неделно), Љубљана (зголемување на фреквенцијата од 6 на 7 летови неделно), Софија (19 летови неделно), Букурешт (3 лета дневно) и Клуж-Напока (6 летови неделно).

Оваа година LOT веќе најави воведување на четири нови дестинации: Од Варшава до Скопје, Подгорица и до московскиот аеродром Домодедово (вториот по големина аеродром во Москва) и од Краков до Будимпешта.

Во 2017 година LOT најави воведување на 27 конекции, вклучително од Варшава до: Лос Анџелес, Њуарк, Астана и Сингапур, од Будимпешта до Њујорк Сити и Чикаго, од Краков до Чикаго и од Жешов до Њуарк. Во 2017 година бројот на превезени патници на LOT достигна бројка од вкупно 6,8 милиони, што значи годишен пораст за 1,5 милиони патници. За тоа време четири нови Боинг воздухоплови беа доставени на LOT: Два B787 Дримлајнер и два B737 MAXs. Уште 12 машини ќе се додадат на флотата на LOT во 2018 година: три B787-9s (поголема верзија на Дримлајнер ), три B737 MAX 8s и шест ЕМБРАЕР 195s.

ТАВ Македонија ја заврши 2017 година со 2 милиона патници (2.027.344) на скопскиот и на охридскиот аеродром, што претставува зголемување за 13% споредено со 2016 година. Истовремено со зголемувањето на патничкиот сообраќај, вкупниот број на летови на двата аеродрома во Скопје и во Охрид е исто така зголемен за 7%, достигнувајќи 18.130 летови во 2017 година.

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk