Пецаков: Неспособност, хаос, лаги и понижувања во 100 дена власт на локалната самоуправа

За 100 дена мандат на градоначалникот Јован Стојаноски и Локалната власт на СДС видовме неспособност, хаос, лаги и понижување. За само 100 дена, граѓаните на Охрид сфатија дека она што СДС им го ветуваше пред изборите, е спротивно од она што СДС го прави после изборите. Каде е градоначалникот? Дали направи нешто во интерес на охриѓани, ова го истакна на денешната прес конференција претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Охрид Кирил Пецаков.

„Ништо не направи, општинските служби ги остави ништо да не работат, имаме само една недовршена патека во дворот на Општината. Имаше средба со лице за кое ја излажа јавноста дека е шеик, а без ниту една дипломатска средба. Политичките и непринципиелни одлуки и овој пат не го заобиколија Охрид. Нема ништо од големите ветувања на Јован Стојаноски“, рече Пецаков.

Единствено се сака, посочи тој, со омаловажување и непризнавање на постигнатите резултати од претходната локална власт, да се најде алиби за сопствената немоќ и неспособност да се оствари тоа што беше ветено од оваа локална власт.

„Од животот кој го ветуваше СДС досега само се видоа планови за поскапување, зголемени трошоци за живот и осиромашување на граѓаните.

– Скандалозната одлука за поскапување на водата,
– За охриѓани нема ниту денар, ниту пак солидарност како обештетување за штетите од земјотресите,
– Незаконската промена и тортура на директорите од претходната власт на образовни институции, јавни претпријатија и раководни места во државните институции а назначување на кадри врз принципот на непотизам и партиска припадност,
– Бркање од работа од училишта, градинки и полиција и вработување партиски послушници на сметка на избрканите стручни и компететни сограѓани,
– Назначување на членови на Управни и Надзорни одбори спротивно на Законот,
– Цвета бизнисот на урбаната мафија која експресно воскресна,
– Серија скандали во ЈП „Градски Гробишта“,
– Уништување на здравството и поигрување со животот на граѓаните“, рече Пецаков.

Како што рече, Стојаноски ги препишал сите програми од претходниот градоначалник кои ги критикувал, меѓу кои и онаа за урбана опрема, а за која на угостителите им ветувал дека ќе ја измени, и ќе ги ослободел од истите давачки, притоа безочно лажејќи ги во очи.

„Бевте јаки на зборови и велевте зборот е збор ама гледаме дека не е. Единствено партиски популизам на СДС. Од Градоначалникот се чека извештај од оствареното и реализираното, а не нови празни ветувања. Лагите излегуваат на виделина. Го прашуваме Стојаноски, кога мисли да почне да работи? До кога ќе се крие од граѓаните и ќе молчи? Можеби ќе ни одговори“, рече Пецаков.

Тој истакна дека се надева оти во иднина градоначалникот и Локалната самоуправа ќе покажат дека имаат визија како навистина да се развива градот Охрид, а не да ја користат празната флоскула „Живот за сите“ во која и тие самите веќе не веруваат.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk