На 13 и 14 јануари: Јубилејно 20-то издание на Курајчкиот василичарски карневал

Во охридското село Куратица на 13 и 14 јануари по јубилеен 20 пат ќе се одржи Василичарскиот карневал. Организатор на карнвевалот е Здружението на граѓани „Свети Василиј“.

Согласно карневалската програма, празнувањето ќе започне на 13 јануари со поаѓање на василичарската поворка од пред васличарскиот оган до сите домаќинства во селото, што трае во текот на целата ноќ до раните утрински часови.

Вториот ден 14 јануари започнува со делење на традиционалната храна „варејнца“ и пијалок за постарите лица кои не се во можност да учествуваат на завршната церемонија. Самиот карневал под маски почнува во 19 часот, а дефилето на маските ќе биде проследено со пригодна музичка програма која ќе ја водат Игор Трпчески и Маја Бимбилоска.

За доброто расположение на гостите ќе биде задолжен музичкиот состав Екстра бенд од Скопје.

И оваа година карневалот под маски во Куратица е со натпреварувачки карактер, со избор на најубави маски во категориите возрасни и деца, за кои се обезбедени симболични награди.

Карневалот во Куратица од година во година се збогатува со нови содржини и се вбројува меѓу позначајните во државата, покрај струмичкиот, вевчанскиот и прилепскиот.

Жителите на Куратица велат дека карневалот е стар исто колку што е старо и селото. Непотврдени податоци говорат дека маскирањето во Куратица има традиција што датира од далечната 1575 година.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk