Објавен конкурс за неафимирани текстописци за „Охрид фест 2018“

Советот на Интернационалниот фестивал „Охрид фест – Охридски трубадури“ првпат распиша конкурс за текстови од неафимирани текстописци за 25-тото издание на фестивалот кое ќе се одржи во септември.

Заинтересираните автори на песни треба да ги пратат своите творби до крајот на мај, на електронската адреса: tekstovi@ohridskitrubaduri.mk и да наведат име и презиме, контакт на авторот и назнака дали е за забавна или за фолк-песна.

„Текстовите треба да бидат напишани на чист литературен македонски јазик за поп-вечерта, а за фолк-вечерта дозволено е и умесно вметнување архаични зборови и зборови и фрази од македонските дијалекти. Стручно жири ќе избере шест најдобри текстови, три за фолк и три за забавниот дел, а како награда ќе добијат музичко обликување од врвни музички автори и изведба од некои од најпознатите пејачи“, соопшти Дирекцијата на „Охрид фест“.

На официјалната страница www.ohridskitrubaduri.mk до одржувањето на фестивалот ќе биде поставена рубриката „Охридфест низ интервјуа“ со најубавите моменти од минатите фестивалски изданија – победници, настапувачи, автори, организатори…

Рубриката ќе биде отворена со поп-ѕвездата Хелена Благне, победничка на „Охрид фест 2016“. – Во интервјуто таа зборува за овој фестивал, но и многу повеќе за својата антологиска македонска музичка приказна, соопшти „Охрид фест“.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk