Охрид имал музеј пред Париз да го добие „Лувр“

Тука цели 400 години, во времето од 1516 до 1916 година, опстојувала ризницата на Охридската архиепископија, што охридскиот музеј го прави еден од најстарите во Европа.

Народниот музеј – Охрид, формиран во 1950 година, ги продолжува музејските традиции на Архиепископскиот музеј во припратата на црквата „Св. Богородица Перивлепта“, отворен во 1516 година, кој се смета за еден од најстарите музеи во светот, отворен повеќе од два века пред Британскиот музеј во Лондон (1759 г.) и парискиот „Лувр“ (1793 г.), пишува во своето печатено издание весникот Нова Македонија.

„Градот Охрид има вековна традиција на музејската дејност. Познато е дека во црквата ’Св. Богородица Перивлепта’ имало музеј, повеќе од два века пред ’Лувр’ (1793 г.) и Британскиот музеј (1753 г). Тука цели 400 години, во времето од 1516 до 1916 година, опстојувала ризницата на Охридската архиепископија, што охридскиот музеј го прави еден од најстарите во Европа. Во 1916 година бил откриен печатот на овој т.н. општ музеј и истата година, војската на бугарската монархија од него однела во Софија многу драгоцености, меѓу кои и овој печат, кој денес се чува во Црковниот музеј на Светиот синод на бугарската православна црква“, стои во историјатот на веб-страницата на Завод и музеј – Охрид.

Милчо Георгиевски, советник-кустос и историчар на уметноста од Завод и музеј – Охрид и автор на текстот на веб-сајтот, вели дека податоците во врска со најстариот музеј се земени од публикацијата „Бугарски старини од Македонија“ од Јордан Иванов, печатена во Софија во 1931 година. Ова е второ издание, а книгата е првпат издадена во 1908 г., но во неа не е публикуван и печатот бидејќи бил откриен во 1916 година. Печатот првпат бил публикуван во весникот „Родина“ на 31 март 1916 година.

„Истите податоци во повеќе наврати ги користи и покојниот новинар Ристо Кузмановски, долгогодишен дописник на „Политика“ од Белград, во повеќе изданија на неговиот водич за Охрид. За тоа дека е најстар музеј во Европа говори фактот што се познати годините на формирање на „Лувр“ во Париз, 1793 година и Британскиот музеј во Лондон во 1753 година, што значи дека во Охрид постоел архиепископски музеј или ризница пред повеќе од два века од овие европски институции“, вели Георгиевски.

Според неговите сознанија, во овој музеј се чувале многу скапоцени предмети што во црквата „Св. Богородица Перивлепта“ биле донесени од повеќе охридски цркви, кои биле претворени во џамии („Св. Софија“, „Св. Пантелејмон“ на Плаошник, „Св. Димитриј“, „Св. Недела“ и др.). Меѓу нив имало повеќе вредни икони, богослужбени книги, црковни везови и одежди, разни литургиски предмети итн.

„Во потесната научна јавност податоците за овој музеј се релативно добро познати, што сметам дека не е случај и со пошироката јавност, а што се однесува за светската јавност, еве преку нашата веб-страница, при разни презентации во странство, одредени публикации, контакти со колеги и пријатели од странство и слично, се трудиме колку што можеме информациите за охридскиот музеј од 1516 година, како најстара, со документ (во случајов печат) посведочена институција од овој вид, да ги пласираме и по светот“, вели Георгиевски.

Според податоците на веб-страницата, најверојатно овој музеј, во изменети услови, функционирал и по укинувањето на Охридската архиепископија (1767 г.) па сѐ до Првата светска војна, кога многу антиквитети со историско-уметнички вредности биле незаконски однесени, меѓу кои се наоѓал и печатот.

Понатаму историјата е повеќе позната. Во 1936 година било организирано прибирање на сите предмети со историска и уметничка вредност од Охрид и од неговата околија со намера да се создаде фонд за идниот музеј. Музејската дејност била обновена во време на Втората светска војна, под името Служба за старините во Охрид. Оваа служба се грижела не само за другите музејски вредности од стариот Архиепископски музеј, туку водела сметка и за сите други културно-историски вредности во Охрид, во границите на тогашните можности, кога овој дел од Македонија бил под бугарска управа.

Конечно, по oслободувањето, се направени и првите чекори во прибирањето материјали и предмети од историјата, археологијата и од етнологијата од граѓаните на доброволна основа. Одзивот на охриѓани бил голем бидејќи доброволно ги отстапувале предметите што љубоморно ги чувале со години, така што за кратко време биле собрани околу 700 предмети. Музејот, како институција, бил основан во јуни 1950 година, а во 1951 година ширум се отвориле вратите на Народниот музеј во Охрид во Куќата на Робевци (археолошкиот и историскиот дел), и во Куќата на Уранија (етнолошкиот дел), со што охридската музејска традиција институционално се возобновува и континуирано функционира до денес.

ОХРИД 24                                                                                                  извор: Нова Македонија

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk