Утре нов обид да се донесе Законот за јазиците

Собранието на Република Македонија утре во 13 часот ќе го одржи продолжението на 32 седница на која на дневен ред се амандманите на Законот за употреба на јазиците во трето читање.

Премиерот Зоран Заев очекува неделава да биде донесен Законот за употреба на јазиците.

„Прашањето треба да биде што побргу затворено. Порано овие закони се носеа по самото завршување на парламентарните избори, сега дадовме девет месеци дебата. Сите кажаа сè што имаа да кажат. Тоа е оневозможено уставно право на граѓаните од другите етнички заедници. Нека се донесе законот, нека се спроведе и ќе видиме сите дека не било ништо толку тешко и трагично, туку ќе овозможи полeсно да се разбираме едни со други“, изјави Заев.

Џафери вели дека Собранието не може да толкува Устав и токму затоа за амандманите нема основа да бидат прифатени.

„Одлуката за амандманите е право на Претседателот на Собранието. Дебатата за законот предолго трае, и законот е предолго во процедура, а и два пати е гласан и треба што поскоро да се донесе“, истакна Џафери.

Од ДУИ само кусо повторуваат дека законот одамна е завршена работа и го повикуваат и ВМРО-ДПМНЕ да гласа, а опозиционерите повикуваат на разум, но и предупредуваат на последиците.

„Затоа уште еднаш за последен пат повикувам за разум. Да се избегне едно девијатно однесување во Парламентот, насилно усвојување на овој закон и повикувам на почитување на Деловникот и разгледување на амандманите и отворање на амандманска расправа, која што ВМРО-ДПМНЕ ја очекува за време на утрешната седница на Собранието. Сето останато ќе предизвика реперкусии и за тој што ќе се одлучи да ги прекрши законите, но и сите оние кои што ќе го поддржат во таа постапка“, изјави Христијан Мицкоски.

Законот за употреба на јазиците е во трето читање во Собранието, откако тој непотпишан и со низа забелешки беше вратен во Собранието. Врз основа на забелешките 35.569 амандмани поднесе само опозициската ВМРО-ДПМНЕ, за кого законот е неуставен и треба да се повлече.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk