Утре започнува јубилејната „Поетска ноќ во Велестово“ без поддршка од државата

Пред чешмата во Велестово утре во 21 часот, започнува јубилејната 30-та „Поетска ноќ во Велестово“, но годинава со скратена програма бидејќи Министерството за култура не даде поддршка во својот конкурс и не одвои ни денар. Локации ќе бидат Велестово и Охрид, а ќе биде посветена на најновата македонска поезија.

На вечерната програма ќе настапат шест поети: Јовица Ивановски, Тихомир Јанчовски, Елизабета Баковска, Николина Андова Шопова. Ѓоко Здравески и Исток Улчар.

Во тремот на црквата „Успение на Света Богородица“ ќе биде отворена изложба „15 години – Арт поинт гумно“ со дела на уметници од светот. Во сабота, 21 јули, во кафе-бар „Шила“ во Охрид ќе се одржи поетскиот настан „Имам нешто да ти кажам“.

Во соработка со Фондација „Славко Јаневски“, во рамки на годинашната манифестација во сабота во куќата „Уранија“ во Охрид од 20 часот ќе биде претставен романот „Одбројување“ од Фросина Пармаковска, добитник на наградата „Роман на годината“ за 2017 година.

Од годинашната програма изостанало планираното гостување на пет хрватски поети и издавање книга посветена на современата хрватска поезија. Нема да се одржи ниту ноќта посветена на македонската хаику поезија, гостување на организатори на сродни манифестации од Европа и настап на претходни учесници.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk