Уништување на струшкото крајбрежје и бетонирање на брегот

Пред неколку денови граѓанската иницијатива „Тампон В’але Струга“ доставила пријава до повеќе институции за узурпацијата и уништувањето на крајбрежјето, пропратена со детална документација и фотографии снимени во подолг временски период. И покрај тоа се непречено се одвиваат градежни работи и бетонирање на брегот, иако локациите се наоѓаат на помалку од 50 метри од линија на највисокиот водостој.

„Брегот на Охридското Езеро не може да се приватизира, нити узурпира, но некој по секоја цена е тргнат да го стори тоа. Молчат од Општина Струга, молчи и Рамиз Мерко. Не реагираа нити од Министерство за животна средина и просторно планирање, нити од Државниот инспекторат за животна средина, не слушнавме реакција или извештај од државниот инспектор за животна средина Игор Трајкоски. Го нема нити Министерство за транспорт и врски, да каже дали овие работи се со дозвола и ако се, на кој начин е таа добиена. Пратениците од Струга, познати по огромните суми добиени за патни трошоци, не излегоа на прес конференција да кажат за ова уништување. Ги нема ни Алија Камберовски, нити Лилјана Затуроска, Јован Митрески, Сурија Рашиди. Ги повикуваме да се јават, односно реагираат и Маја Морачанин (член на ДОМ) и Томислав Тунтев (пратеник од Охрид), кои се дел од неформалната група „Пратеници-пријатели на единственото УНЕСКО подрачје во Македонија – Охридскиот регион“ составена од пратеници во Собрание на Република Македонија. Го повикуваме да дојде до Струга и Zoran Zaev, нека прошета, нека види каков е животот, за кого не важат законите на Репблика Македонија“, велат од Охрид СОС.

Оттаму прашуваат: „За што служат институциите, Влада на Република Македонија, зошто се плаќаат од џебот на граѓаните? Кој треба да ја спроведе правдата? Дали е Струга во Република Македонија? И во рамките на охридскиот регион, кој е на листата World Heritage Sites на UNESCO? Нели се обврзавте дека ќе остане на таа листа? Ова се исто така погубни „проекти“, по специфичната флора и фауна на Охридското Езеро. Ако се има волја, и решителност, ова се решава за неколку часа. Колку и какви докази се потребни? Зарем поочигледно од ова може да биде? Зошто не реагира никој од BDI, Министерот за животна средина и просторно планирање, директорот на државниот инспекторат за животна средина, градоначалникот на Струга се од нивната партија. Каква покана чекате, дами и господа?“, стои во објавата на Фејсбук страницата на Охрид СОС.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk