Тунтев: Договорот е патриотски чин, носи иднина за државата и за сите граѓани

Томислав Тунтев, координатор на пратеничката група на СДСМ и коалицијата истакна дека Договорот е висок патриотски чин, носи иднина, за државата и за сите граѓани и овој Договор го гарантира македонскиот идентитет, македонски народ, Македонец, Македонка, македонски…Обезбедени-еднаш-засекогаш.

„Премногу долго бевме во изолација, заробени во бесперспективноста, безнадежноста, без никакви шанси и изгледи да тргнеме напред и да обезбедиме просперитет и иднина како за нас така и за нашите деца. Ова се нови, просперитетни времиња за Македонија и за нејзините граѓани“, рече Тунтев.

За ВМРО-ДПМНЕ рече дека треба прво да расчисти со криминалот во сопствените редови и да земе учество во процесот кој овозможува граѓаните сами да одлучат за европска, односно европска македонска иднина. ВМРО-ДПМНЕ мора да сврти нова страница, доколку сака да фати чекор со светлата иднина на нашата државата.

„Нашата придобивка од Договорот што го потпишаа Владите на Македонија и на Грција е бесценета. Добиваме зајакнат идентитет и гаранција за безбедност, стабилност и просперитетна иднина на нашите граѓани. Меѓутоа потпишувањето на договорот е само првиот чекор кој води кон она што нашите граѓани го заслужуваат и 27 години го очекуваат“, изјави Тунтев.

Следува ратификација на договорот којашто ќе обезбеди покана за членство на Македонија во НАТО и датум за почеток на преговорите за членство во Европската унија. Потоа можност граѓаните на Република Македонија да се изјаснат на референдум за ова многу важно и историско прашање, самите непосредно да одлучат за иднината на сопствената држава.

„Овој народ заслужува сам да се изјасни за иднината на сопствената држава за својата сопствена иднина и за иднината на своите деца. Како држава и ние како Собрание и пратеници имаме историска шанса да го трасираме нашиот пат кон Европската унија и НАТО и да создадеме успех за нашите граѓани.Ова е шанса заеднички да создадеме простор нашите млади генерации својата иднина, својот напредок да ги градат и создаваат во својата држава“, рече Тунтев.

Според Тунтев на тој начин обезбедувале безбедност и стабилност за земјата, гарантирале силни институции, правна држава и еднакви шанси за идните генерации.

„Нема враќање назад кон мрачното време на страв, омраза, понижени граѓани и изолација. Македонија тргна напред, живееме слободно, поврзани со светот, градејќи демократско и економски развиено општество за сите.

Велиме ДА, за македонската иднина!“, заврши Томислав Тунтев.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk