Трет протест против Законот за јазици и промена на името

Денеска на Градскиот плоштад се одржа третиот протест организиран од Граѓанската иницијатива „Македонија пред с`е“. Тие бараат повлекување на насилно донесениот Закон за јазици, поништување на т.н. Договор за добрососедство со Бугарија, неменување на уставното име на Република Македонија и ослободување на сите притворени и осудени поради настаните во Собранието од април минатата година.

Исто така на протестот беше промовирана книгата „Име од светлина и рани“ на македонскиот поет, книжевен и ликовен критичар Ефтим Клетников.

„Наша најважна задача е одбрана на името. Книгата „Име од светлина и рани“ во целина ја опишува можеби најтрагичната ситуација во која се наоѓа земјата денес. Во моментов се реализира еден геноциден план врз Македонија и Македонците сами да се избришат од картата на светот“, рече Клетников.

Според Клетникот актуелната власт работи за да го продаде името, бришејќи ја целокупната македонска меморија, затоа што доколку го смениме името нема да можеме историски да се вратиме ниту на АСНОМ, а камоли кон Илинден, Климент и Наум, античка Македонија.

„Европејците ни ја префрлија топката на наш терен, да извршиме самоубиство, а тие да си ги испереат рацете од било каква вина“, истакна Клетников.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk