Судењето за „Поткуп“ одложено за 26 февруари, обвинителот на службен пат

Денешното рочиште за случајот „Поткуп“ во кое обвинет е премиерот Зоран Заев, се одложи за 26 февруари, бидејќи не беше присутен обвинителот Владимир Милошевски. Тој, како што соопшти судијата Дарко Тодоров, во петокот го известил судот дека поради оправдани причини, односно службено патување, нема да може да присуствува на рочиштето.

Во Основниот суд Скопје 1 на Заев му се суди по обвинение дека како градоначалник на Општина Струмица од струмичкиот бизнисмен Иван Николов Сачевалиев побарал поткуп од 163.924 евра, односно по 2 евра за еден метар квадратен градежно земјиште во Струмица, за кое Николов бил заинтересиран да го приватизира.

Изминатите три рочишта се одложуваа поради барање на одбраната видео снимките обезбедени со посебни истражни (ПИ) мерки да се отфрлат како докази во постапката затоа што веќе биле објавени на видео сервисот Јутјуб. Тоа беше одобрено од Кривичниот суд, но потоа на 28 декември лани Апелациски суд – Скопје ја укина одлуката на Основен суд Скопје 1 снимката да биде дел од доказниот материјал и нареди предметот да се врати на повторно одлучување во првостепениот суд.

На денешното рочиште, судијата Тодоров рече дека на следното рочиште ќе биде повикан и сведокот Иван Николов Сачевалиев.

Заев за медиумите изјави дека очекува брза и транспарентно судење, бидејќи, како што рече, важно за него како политичар и за функцијата што ја извршува е да има чист образ.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk