Свечено отворено „Охридско лето“ на Антички театар

Отворено „Охридско лето“ на Античкиот театар со романските уметници Елена Мошуц и Калин Братеску, Македонската филхармонија и маестро Николае Молдовеану.

Претседателот на државата Ѓорге Иванов, како покровител го прогласи за фестивалот за отворен посакавувајќи им на улесниците кога ќе заминат со себе да ги понесат сеќавањата на Охрид како македонско огледало на европската култура.

„Од вечерва па натаму светот е во Охрид и Охрид е во светот. И ова заемно пребивање вечерва ќе започне со универзалниот јазик на музиката. Тој јазик не се преведува, бидејќи секоја душа непосредно го разбира. Моќниците низ историјата попусто се обидувале да го сведат тој јазик на средство за остварување на своите себични цели. Попусто се обидувале преку уметноста на лагата и политичката коректност да го поробат човекот. Музиката и уметноста секогаш му помагале на човекот и кога е слаб да биде силен, и кога е сиромашен да биде богат, и кога е во пранги да биде слободен, и кога е исплашен да се охрабри. Во тој јазик на вистината нема простор за лагата. Во тој јазик на љубовта, нема простор за омразата. Впрочем, и двете најпознати песни во историјата на светот се посветени токму на љубовта. Песната над песните, напишана од старозаветниот Соломон, и химната за љубовта составена од новозаветниот Павле“, рече Иванов.

Иванов потсети и на зборовите на Жан Моне, кој рекол дека ако Европа треба одново да се создава, тогаш треба да се започне со културата, со уметноста.

„Оваа мисла на Моне се однесува не само на Европа, туку и на сите геостратегии што се кројат во светските центри на моќ, особено имајќи предвид дека годинава се слават 70 години од Универзалната декларација на човековите права. А едно од тие права е и правото на учество во културата и уживање во уметноста“, порача Иванов.

Свои обраќања пред публиката имаа министерот за култура Асаф Адеми и актерот Никола Ристановски.

Повеќе од 800 уметници од 27 земји од целиот свет од вечерва па с`е до 20 август ќе бидат во Охрид, центарот на светските уметнички дострели.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk