Романската оперска дива Елена Мошуц ќе го отвори „Охридско лето“

58 издание на најреномираната музичко-сценска манифестација „Охридско лето“ ќе го отвори романската оперска дива Елена Мошуц, која на 12 јули на Античкиот театар ќе настапи задно со тенорот Калин Братеску и симфонискиот оркестар на Македонската филхармонија, под диригентска палка на маестро Николае Молдовану.

На денешната прес-конференција беше објавена програмата на годинешното издание на „Охридско лето“.

„Сакам да го потенцирам јасниот концепт по кој се водевме – да понудиме програма базирана на врвната класична музика и театар со голема естетика, специфика и авторски пристап, сето тоа вклопено во прекрасниот амбиент на фестивалските сцени по кои е препознатлив нашиот најреномиран фестивал“, рече министерот за култура Роберт Алаѓозовски.

Селекторот на музичката програма на „Охридско лето“, Васо Ристов нагласи дека Охрид повторно ќе стане вистинска културна метропола, како и досега ќе привлече бројни посетители кои доаѓаат од други земји само заради овогодинешните ѕвезди и квалтетната програма.

Меѓу нив тој како посебни музички доживувања ги најави концертите на пијанистот Николај Лугански, челистот Александар Књазев, виолинистот Сергеј Крилов, потоа пијанистот Александар Маџар, виртуизот на усна хармоника Антонио Серано, акапела-секстетот „Виндзор касл“, како и неколку концерти што ќе се реализираат во соработка со амбасадите во Македонија.

 

Драмската програма нуди неколку театарски претстави во најголем дел на домашните театарски куќи, како и гостувања на театри од Србија, Хрватска, Словенија. Селекторот на драмската програма Александар Поповски како посебно театарско доживување ја најави претставата „Илијада“ и гостувањето на Словенско народно гледалишче, „Драма“ од Љубљана, Цанкарјев дом и Градски театар, со која ќе се спушти завесата на годинешното фестивалско издание, со според него, можеби најголемиот проект во драмската фестивалска програма на Античкиот театар.

„За нас најважно е да се гради брендот на институцијата, домаќинското работење и почитувањето на традицијата. Фестивалот „Охридско лето“ како дел од Европската фестивалска асоцијација продолжува со успешните приказни за да го задржи епитетот на високо реномиран европски фестивал“, рече В.Д. диркеторката на „Охридско лето“ Сузана Вренцоска.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk