Промовиран Толковниот речник на македонскиот јазик

Во рамките на програмата на Меѓународниот семинар за македонски јазик и култура, синоќа, во Конгресниот центар во Охрид, пред стотина присутни слушатели, се одржа промоција на изданијата од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

толковен 1

Посебен акцент беше ставен на Толковниот речник на македонскиот јазик.

За ова капитално дело говореа д-р Димитар Пандев, а во име на професорката од Белград, проф. Даринка Гордан –Прек, резимето од рецензијата го пренесе директорката на Институтот, проф. д-р Елена Јованова – Грујоска, а свое искажување имаше и директорката и координатор на проектот Толковниот речник, проф. д-р Снежана Велковска.

професори

„Толковниот речник е од безмерно значење за нас Македонците. Тој е основен доказ дека ние Македонците  имаме посебен јазик, посебен белег и посебен код. Toj е, всушност, лична карта на македонскиот народ и македонскиот јазик“, рече проф. д-р Елена Јованова-Грујоска.

Толковниот речник  кој е во издание на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ e  речник  во шест тома, од среден обем, со над 100 илјади зборови. На овој капитален  проект се работело повеќе од три децении, а поодделните томови се излезени во период од 2000-та до  минатата 2014 година.

толковен 2

„Ние  од институтот сме горди на  ова издание и со голема чест ја  примивме нaционалната награда „Гоце Делчев“ за  2015 година, посветена токму на  работата околу овој шестомен речник. Патем, да споменам дека високата вредност и значење на Толковниот речник на МЛЈ беше потврдена и од двата лингвистички центри во Белград и Загреб кои преку своите еминентни и светски познати лингвисти Даринка Гордан и Марко Самарџија во суперлативи се искажаа за ова издание, со што и меѓународно добивме признание за реализираниот проект“,  додаде проф.Јованова-Грујоска.

Институтот за македонски јазик својата активност и посветеност на македонистиката и на Македонија ја покажува не само медиумски, ами и преку повеќе написи и статии, како и посветени стручни лингвистички студии.

„Во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ работат само патриоти и кај нас е непристојно да се зборува за пари. Посветени сме и, со  многу љубов, и за малку пари работиме за целосна промоција на македонскиот јазик  и на Македонија. Наскоро, очекуваме и со мала поддршка од државата  да отпочнеме со нов проект Голем толковен речник на МЛЈ кој ќе содржи и повеќе од 120 илјади зборови“, истакна директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

толковен 3

Толковниот речник, според  науката е основен доказ и белег за постоењето на еден посебен јазик и за еден посебен народ. Оттука и желбата за негово составување ја имале и отпочнале и Блаже Конески и Божидар Видоески кои беа дел од иницијативниот и реализаторски тим за составување на првиот толковен речник на МЛЈ (но со толкување на српскохрватски јазик!) е излезен во шеесетите години од минатиот век, а потребата од нов и поголем толковен  речник  ја реализираа повеќе од 20 професори и стручни соработници.

Нејзин организатор, координатор и реализатор е проф. д-р Снежана Велковска која се гордее со овој капитален проект од областа на македонистиката.

Снежана Велковска 1
„Речниците како овој се одраз на идентитетот на еден народ. И тие се прават  на покус временски период поради значајните општествени промени. Во работата на овој Толковен речник се вклучија многу луѓе кои приложија јазична и лексичка  граѓа, а во самата обработка на граѓата и подготовката на шесте тома учествуваа дваесетина професори. Добивката од таа тимска соработка не е само Толковниот речник, ами и уште повеќе: тие луѓе денес претставуваат тим за една лингвистичка, лексиколошко-лексикографска школа од каде ќе можат  да се прават и составуваат и други најразлично-наменски речници според  светски стандарди“, вели проф. д-р Снежана Велковска, организатор и координатор на проектот за Толковниот речник на МЛЈ, која, патем, е и автор на одличното издание на Фразеолошкиот  речник на македонскиот јазик, речник со  пет илјади фрази и изрази за кои авторката вели дека токму тоа – фразите и фразеолошките изрази се нишанот и душата на еден јазик и народ.

Снежана Велковска 2

„Иако за науката се издвојува многу малку, сепак сите ние што работевме на Толковниот речник, работевме со огромна љубов и патриотизам. Toа го правевме и го правиме од патриотски причини за да покажеме на светот дека македонскиот јазик постои и тој има неброено богатство, свои јазични белези. Тоа го постигнавме и горди сме на тоа, но  нам навистина ни требаат повеќе инвестици во нови стручни кадри, во подмладување на тимот. Ни требаат млади луѓе кои понатаму ќе ја  пренесат и остварат мисијата. Џабе се и златни згради и златни компјутери, ако немаме луѓе, ако немаме подмладок“, порачува проф. д-р Снежана Велковска.

Охрид 24                                                                                                                              Дим Дон

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk