Пецаков: Охриѓани осум месеци не добиле ни денар за штетите од земјотресите

СДС продолжува да ги манипулира граѓаните. Чисто политиканство без конкретни нови мерки и преземени активности за решавање на проблемите кои ги мачат граѓаните. Охриѓани и по осум месеци немаат добиено обештетување за штетите од земјотресите. За нив, нема ниту денар, ниту пак солидарност. Ова денеска го истакна Кирил Пецаков, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ.

„Околу 870 семејства чекаат финансиска помош од државата за да ги санираат штетите во домовите. 15 од нив немаат ни каде да живеат поради тоа што земјотресот од 3 јули им направил оштетувања од дури петти степен. Владата и Локалната самоуправа предводени од СДС треба да се изјаснат зошто с`е уште нема одговор и покрај тоа што претходната Општинска комисија за проценка на штети, изготвила елаборатот и истиот бил доставен до Владината комисија уште на 30 август“, рече Пецаков кој праша зошто кoмисијaтa е рaзрешенa, зошто не е постапено по барањето и дали тоа се прави свесно, со цел да трае с`е дo пoвтoрнo именувaње нa нов сoстaв нa кoмисијaта.

„Се покажува вистинското лице на СДС и пратениците од Охрид, Томислав Тунтев и Жаклина Лазаревска коишто пак претходно не го прифатија интервентниот амандман од 2 милиони евра со цел за располагање на граѓаните коишто претрпеа штети. ВМРО-ДПМНЕ бара од СДС да покаже совест и грижа за граѓаните и паричните средства во најкус можен рок да бидат исплатени на граѓаните“, рече претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Охрид.

Според Пецаков, охриѓани заслужуваат искрено внимание и помош од власта и локалната самоуправа која има одговорност за нив, а не нивна злоупотреба само кога од тоа се собираат политички поени во време на политички кампањи.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk