Пецаков: Наместо отчет, од Стојаноски видовме програма за тоа што би се работело

Наместо на 100-тиот, градоначалникот Стојаноски го поднесе отчетот на 104-тиот ден од своето владеење, а и тоа го направи под притисок на јавноста. Тоа е отчет, односно повеќе наликува на програма што би се работело во наредниот период, отколку што е сработено. Ова го истакна претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Кирил Пецаков и координатор на советничката група во Советот на Општина Охрид, во денешното издание на емисијата Алфаскоп на ТВ Алфа.

„Мал сублимат на она што се работело, односно не се работело во изминатиот период е назначувањето на незаконски членови на управни и надзорни одбори, коишто не исполнуваат законски обврски, а за коишто ВМРО-ДПМНЕ како советничка група ќе поднесе претставка до Државниот инспекторат за локална самоуправа. Институциите се полнат со партиски кадри, се бркаат вработени од образовниот сектор, градинките и школите: бремени жени и самохрани мајки“, рече Пецаков, додавајќи дека во Охрид се случува тотална партизација на сите структури, а воскреснува и урбаната мафија во нашиот град.

Како што рече, политиките кои жестоко ги критикувал сегашниот градоначалник додека бил координатор на советничката група на СДСМ сега целосно ги препишал во својата програма за 2018 година.

„Една од нив е и програмата за урбана опрема, за којашто градоначалникот им вети на угостителите дека цената за поставување на урбаната опрема ќе биде намалена, меѓутоа не само што не се намали, туку и во одредени сегменти беше зголемена, па затоа и на последната седница на Советот на Општина Охрид беше повлечена таа точка“, посочи Пецаков, додавајќи дека генерално стотте дена на Стојаноски биле лаги, хаос, манипулации, доволни за да покажат дека флоскулата наречена „Живот за сите“ е празна флоскула во која ни самите не верувале.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk