Охридските поети го чествуваа роденденот на холандскиот писател А. Ден Долард

Несекојдневен книжевен настан во охридскиот салон „Култура 365“

Во единственото специјализирано културно книжевно катче во Охрид, во Културно-информативниот центар „Култура 365“, вчера се одржа традиционалното поетско читање и чествување на делото на холандскиот писател и новинар А. Ден Долард, пријател и вљубеник во Македонија.

Токму на денот на неговото раѓање, 7 февруари, голем број охридски поети и поетеси, како и поети и други посетители од Струга, Вевчани и Скопје го посетија „Култура 365“ и со своето присуство и учество го збогатија културниот простор, запознавајќи се со животот и делото на големиот вљубеник, љубопитник, истражувач и хроничар на Македонија од времето меѓу двете светски војни, писателот и „талкач“ по македонската земја, А. Ден Долард.

Пред преполнетиот културен центар „Култура 365“ за делото на А.Ден Долард  говореше охридскиот писател, фотограф и публицист, Мишо Јузмески, кој  изнесе мошне интерсeни био-библиографски податоци за холанскиот писател  вљубеник на Охрид и Македонија кој своите патувања и својот престој во Охрид од 1931 година и подоцна ги опишал во своите дела, во книгите „Ориент експрес“ и  особено во „Свадбата на седумте цигани“, една љубовна приказна која постанала бестселер во Холандија, а како што вели писателот Јузмески, „таа постанува и прв туристички водич за убавините на нашиот Охрид“.

Чествувањето на холандскиот писател од страна на бројните охридски поети траеше неколку часови  исполнети со поетско читање, со дружење и  разговори за поезијата, за пријателството, за македонско-холандските односи, за љубовта и виното и, секако, за неизбежната и вечно актуелна тема Македонија.

Овој настан и ваквото дружење  е благодарение на раководителот на „Култура 365“, писателот Мишо Јузмески, кој, се повидливо е, од својот културно-информативен центар создава култно културно –книжевно катче каде охриѓани и  сите други вљубеници во пишаниот збор и фотографијата  можат да ги споделат своите стихувања и размислувања за литературата, фотографијата и за културата воопшто.

ОХРИД 24, вообичаено е со поддршка на ваквите настани кои преку видео и фото-записи ви ги доловува и вам, на нашите  читатели, препорачувајќи ви го „Култура 365“ како  место за опуштање и  уживање  во светот на уметноста.

ОХРИД 24                                                                                                                             Дим Дон

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk