Ништо од бомбастичните промени во образование – од септември учениците по стара програма

Додека не се донесе нов закон за основното образование, основците ќе учат по старите наставни програми, иако работната група што го подготвува законот соопштувајќи ги во јануари ревидираните наставни планови за прво одделение имаше очекување дека тие ќе бидат применети во барем неколку пилот-училишта од овој септември.

Арбер Адеми денеска на прес-конференција по повод еден месец од преземањето на функцијата министер за образование и наука рече дека интензивно се работи на реформите и донесување на законот, но дека тој е комплексен и треба да се состави внимателно и во интерес и на учениците, и на наставниците. За да се најде најдобро решение, рече, вклучуваат екперти од релевантни институции и од меѓународни организации.

„Кога се работи за крупни законски решенија, не треба да се брза, затоа што сме виделе усвојување закони, а потоа многу бргу измени и дополнувања на тие закони. Се работи за многу значаен закон и затоа треба да се најде најдобро решение. Се работи за креирање квалитетен воспитно-образовен систем за иднината на нашите деца. Во однос на пилотирањето на плановите, тогаш кога ќе сметаме дека една реформа функционира и ќе биде продуктивна, неа и ќе ја примениме“, рече Адеми.

Министерот соопшти дека МОН почнува со подготвителни активности и за нов закон за средното образование. Според германски модел ќе се воведе дуално стручно образование и од септември овој концепт ќе се примени во две средни пилот-училишта во Охрид и Кавадарци, за што веќе се усвоени наставните планови за прва година.

Информираше дека се донесени решенија за учебници за италијански јазик, кој од септември (покрај францускиот и германскиот) ќе биде втор странски јазик за сите одделенија во основно и за сите години во средно. Босанскиот јазик, пак, од претстојната 2018/2019 година се воведува во редовната настава во основното деветгодишно образивание, за што е одобрен и наставниот план.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk