МПЦ-ОА: СПЦ покажува хегемонистички аспирации кон Македонија

Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиеископија (МПЦ-ОА) оценува дека Предлог-текстот за промена на Уставот на Српската православна црква (СПЦ) содржи хегемонистички аспирации и националистички претензии врз суверенитетот и независноста на Република Македонија, како и грубо мешање во јурисдикцијата на МПЦ-ОА.

„Со ова, СПЦ покажува своевиден анахронизам, контрадиктторност и непринципиелност кон своите сопствени одлуки: САС на СПЦ бр. 1744/ зап. 343 од 26 јуни 1959 година, чл. 165 точка 6 каде се вели: „Со оваа Одлука, престануваат да важат прописите од Уставот на СПЦ, за епархиите и архиереите на територија на НРМ“. Истата Одлука на Синодот е потврдена на Светиот архиерејски собор на СПЦ – АСбр. 47/958 од 17 јуни 1959 година, донесена во Белград. Кој има очи – ќе види и кој има уши – ќе слушне!“, стои во соопштението од Канцеларијата на Светиот синод на МПЦ-ОА.

САС на МПЦ на седницата разгледал повеќе прашања од црковниот живот, при што посветил посебно внимание на дејноста на воспитно-образовните институции, како и за претстојните прослави на црковните јубилеи.

„Ова 2018 лето Господово е јубилејно и нашата Црква ќе ја одбележи илјадагодишнината на Охридската архиепископија, во катедралниот храм на Охридските архиепископија „Света Софија“ во Охрид на 28 мај. Исто така, во првата седмица од месец октомври 2018 година, ќе се одржи и Архиепископски црковно-народен собор и ќе се одбележат 60-те години од возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на МПЦ“, се вели во соопштението.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk