Мошуц, Братеску и Молдовеану на отворање на „Охридско лето“

Големата светска оперска певица Елена Мошуц, една од петте најдобри сопранистки, на прес-конференција во хотелот „Инекс Горица“ во Охрид заедно со своите колеги, уметниците Калин Братеску и Николае Молдовеану, го најави концертот за свеченото отворање на фестивалот „Охридско лето“.

„Првпат сум во Македонија. Немав многу слушнато за фестивалот „Охридско лето“ но кога прочитав на интернет видов дека е фестивалсо огромна традиција на кој настапиле многу светски имиња. Исто така многу ми се допадна и вашата земја. Среќна сум што сум дел од програмата на „Охридско лето“, изјави оперската певица Елена Мошуц која пред да пристигне во Македонија, настапила на затворањето на еден романски фестивал, но таму интерпретирала програма со помодерни дела, за разлика од репертоарот за отварањето на „Охридско лето“.

Романскиот тенор Калин Братеску кој исто така првпат е во Македонија, изјави дека е почестен што е поканет на толку голем и значаен фестивал, како што рече, токму во убавиот град Охрид. Николае Молдовеану под чија диригентска палка ќе настапат оперските уметници и оркестарот на Македонската филхармонија изјави дека е голема честа што заедно со неговите колеги ќе придонесат на уметнички начин во убавината на фестивалот „Охридско лето“.

Шефот на оркестарот на Македонската филхармонија, Горан Муратовски, изрази задоволство, но додаде дека е и голема чест што Македонската филхармонија е традиционален гостин на фестивалот „Охридско лето“. Селекторот на музичката програма на „Охридско лето“ Васо Ристов, на прес-конференцијта им изрази огромна благодарност на големите уметници што прифатиле да бидат главни учесници на спектакуларното отворање на најголемата културна манифестација во Македонија. Градоначалникот на Општина Охрид, Јован Стојаноски, им посака добредојде на уметниците што ќе го отворат„Охридско лето“, и најави дека општината и натаму ќе ја дава безрезервната поддршка на фестивалот како голем македонски и европски културен бренд.

Најзначајната музичко-сценска манифестација во Македонија, „Охридско лето“,традиционално, ќе започне, на 12.јули, на Античкиот театар во Охрид, со почеток во 21 часот. Големите оперски ѕвезди, сопранистката Елена Мошуц и тенорот Калин Братеску, под диригентската палка на Николае Молдовеану и во придружба на оркестарот на Македонската филхармонија ќе приредат незаборавно доживување за посетителите на Антички театар. За отворен, Фестивалот ќе го прогласи покровителот, Претседателот на државава д-р Ѓорге Иванов, а ќе се обрати и Министерот за култура на Република Македонија, Асаф Адеми.

Според директорката Сузана Вренцовска, сите сцени и простори каде што годинава ќе се одржуваат музичко-сценските настани на фестивалот се оспособени за уметниците, како и за посетителите кои секоја година ги има во голем број, а како што најави, од следната година е планирана изградба на монтажно гледалиште кое ќе може да се поставува насекаде, со што ќе можат да се одржуваат настани на секое соодветно место во градот.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk