Мицкоски: Ова е тежок ден за Македонија, ова е капитулација, пораз!

Ова е тежок ден за Република Македонија, е првата реакција на Христијан Мицкоски, претседателот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ по денешната објава на Владата дека е постигнат договор со Грција за промена на името. Ова е капитулација, вели Мицкоски.

„Поразот се прикажува како лажна победа. Стекнатите права ги изгубивме, а ги претставивме како победа. Од далеку се гледа дека ова е пораз. Македонскиот граѓанин е потиштен и огорчен. Ова е опасен егзибиционизам на македонската Влада и на Зоран Заев. Опозицијата не беше вклучена во креирањето на овој договор, а сега е јасно зошто“, вели Мицкоски.

Според Мицкоски прифатени се сите грчки позиции.

„Ова не е договор. Ова е неспособност на Заев и на невештата наша дипломатија. Заев беше против промена на Уставот, па прифати географска одреденица, а потоа и промена на Уставот и Илинденска Македонија за што велеше дека го потврдува идентитетот. За да потоа каже дека друго решение за него е неприфатливо. Тежок егзибиционизам. Бараме Заев т.н. договор со Ципрас да ни го достави веднаш, јас ќе бидам во државата, ги откажав сите состаноци надвор од Македонија и сум на располагање“, рече Мицкоски.

Штетата што се прави е огромна и државата се турка во амбис изјави Мицкоски. Напредокот мора да биде ценет од сработената работа, а не од предавства и капитулации што денес ги направи Зоран Заев. Македонија не смее да губи.

„Верувам во граѓаните и во нивниот капацитет и ќе продолжам цврсто да верувам и работам за Република Македонија. Многу јасно кажав ако Заев се обиде шверцерски да го протне овој договор мора да знае и да биде свесен дека конечно мора да им задолжителен, а не консултативен референдум. Јас како Христијан Мицкоски на тој референдум ќе гласам против овој договор. Заев потпиша капитулација”, додаде на прес-конференцијата Мицкоски.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk