Мицкоски до Заев: Ајде на дуел, не само за името, туку и за сите други прашања

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одговараше на неколку новинарски прашања за тоа што било разговарано вечерва на Централниот Комитет.

„Вчера на седницата на Извршниот Комитет и денеска на седницата на Централниот Комитет ја разгледувавме актуелната политичка и економска ситуација во Република Македонија, ги разгледувавме актуелните теми кои што живот значат за граѓаните во Република Македонија. Оваа трета генерација политичари на ВМРО-ДПМНЕ учеше од првата генерација, растеше со втората генерација и како основна цел и задача си постави да ги порази остатоците од транзицијата, а тој пораз ќе започне со организирање на еден огромен народен протест кој што ќе се случи на 2-ри Јуни во 20 часот пред Владата на Република Македонија. Ја користам оваа прилика да ги поканам сите оние добронамерници сите оние обесправени, сите оние разочарани, сите оние излажани од страна на Зоран Заев и политичарите околу Зоран Заев. Ги поканувам да ни се придружат да застанат рамо до рамо со нас, да тргнеме во офанзива, да тргнеме во оваа битка и конечно да ја поразиме оваа ненародна влада која што и се случува на нашата татковина“, одговори Мицкоски.

 

Премиерот Заев доби покана за тет а тет средба од Мицкоски.

„Ние бевме прилично јасни во нашиот став и кажавме дека вака сериозни прашања одговорни политичари, државници кои што и мислат добро на својата татковина, кога станува збор за едно вака сериозно прашање е логично да отворат фронт на консултација со што е можно поголем број на целни групи. Една таква целна група е и ВМРО-ДПМНЕ, политичката партија но и сите политички партии што се парламентарни, бидејќи е логично да тие партии одлучуваат понатаму за некаков евентуален, хипотетички договор помеѓу Република Македонија и нашиот јужен сосед. Цениме и сигурни сме дека лидерска средба во присуство на Претседателот на државата ќе биде од огромно значење и можеше да биде и поддршка во целокупниот овој процес за надминување на проблемите околу нашето уставно име што го има нашиот јужен сосед, и ценам дека одбивањето е чин на голема неодговорност, покажување на пркос, на лажни основи, покажување на непочит кон Македонскиот народ, непочит на оние луѓе кои што ги гласале тие политичари, без разлика дали станува збор за ВМРО-ДПМНЕ, другите парламентарни партии, Претседателот на државата, но и непочит кон сите останати институции во оваа држава, од кои што може да се научи како што е МАНУ, универзитетски професори, уметници итн. Прашањето се банализираше на прашање дали има претседателот на влада и Заев време да ме прими мене на тет а тет средба или нема. Како човек како претседател на најголемата опозициона партија и најорганизираната политичка сила во Република Македонија ВМРО-ДПМНЕ, ќе ја искористам оваа прилика еве и да му одговорам на претседателот на владата на неговата покана на тет а тет средба. Истата можам да ја прифатам, но наместо во неговиот удобен кабинет да го повикам на телевизија да можеме да се соочиме на една тет а тет средба пред граѓаните на Република Македонија. Да дискутираме за ова прашање да може он да ги информира граѓаните Република Македонија, како преговара за што преговара. Но, и да дискутираме за сите оние фаули што ги прави на полето на економијата, на немањето реформи, во образованието, во здравството, да дискутираме за сите оние погрешни политики кои што се случуваат оваа измината една година, така што еве можност да можат граѓаните да видат за каква политичка гарнитура станува збор, а ние се разбира да можеме да слушнеме да видиме и да ја дознаеме конечно таа лекција која што така одамна ја најавуваше само да можат граѓаните да ја слушнат, па можеби и ќе научиме нешто“, одговори Мицкоски.

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk