Масовно труење на животни во Охрид во ек на туристичката сезона, надлежните молчат

Во градот зголемено е присуството на бројни бездомни кучиња во ек на туристичката сезона. Здружението „Анима мунди“ соопшти за низа случаи на убиства на животните на прометни локации и среде бел ден.

„Податоците, слики и видео снимки ни пристигаат од бројни шокирани, преплашени граѓани и туристи кои се обидувале да им помогнат на животните, но немале шанса да успеат – животните умирале во најтешки маки, а отровот кој бил расфрлан бил со толку силно дејство што и со вдишување бил смртоносен“, соопштуваат од „Анима мунду“.

На нивната Фејсбук страница имаат поставено вознемирувачко видео кое може да го погледне целата македонска јавност и потенцираат што доколку отровот дојде во допир со некое дете.

Дали ќе се преземе нешто за да се фатат сторителите кои убиваат животни? Кој е одговорен за целата ситуација? Надлежните институции молчат.

Општина Охрид располага со финансиски средства и треба да ги стерилизира животните, да ги третира хумано без исклучок и најстрого да го казни неодговорното сопствеништво. Таа е должна да го превенира и казни насилството врз животните, масовното труење на животни кое е опасно по животот на сите и за кои законот предвидува и казна затвор.

Општина Охрид, Агенцијата за храна и ветеринарство како и Министерството за внатрешни работи треба да преземат мерки со цел да се стави крај на ова монструозно дивеење по улиците, парковите, тревниците преку конечно изрекување на казна затвор за лицата кои злоупотребуваат отровни материии, вршат кривично дело мачење на животни, предизвикуваат општа опасност пред која и луѓето и животните можат да бидат жртви.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk