Иванов со честитка за 11 Октомври: Да се потсетиме на заветот кој ни го оставија нашите предци, достојно и гордо да го чуваме ова парче земја бидејќи тоа е сè што имаме

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, упати честитка до граѓаните на Република Македонија. Во честитката стои:

„Нека ни е честит 11 Октомври, Денот на народното востание.

Вооруженото востание против фашистичкиот окупатор, започнато на 11 октомври 1941 година ни ја донесе слободата и остварувањето на сонот за формирање на македонска држава. Патот до конечната победа преку долготрајната Народноослободителна борба исполнет со страдање и хероизам ни обезбеди место на страната на правдата и на човечноста. Борбата за слобода зеде многу жртви пред кои ние денес се поклонуваме и чие дело го славиме.

Затоа денес, 11 Октомври е повеќе од државен празник, тој е и отелотворување на идеалот за слобода и правда. На овој ден се слави пожртвуваноста и решителноста на македонскиот народ за слобода и за создавање на самостојна и независна држава. Тој идеал нè води и денес во остварувањето на подобра сегашност за денешните и подобра иднина за наредните генерации во Република Македонија.

Македонија секогаш била на страната на слободата и демократијата и со овие вредности нема правење компромиси. Затоа обединети и сплотени, да го продолжиме стремежот на борците од НОБ за просперитетна Република Македонија, приклучувајќи се како рамноправна држава во обединета Европа, Европа во која ќе нема мали и големи, позначајни и помалку вредни, Европа базирана на рамноправност, еднаквост и солидарност, Европа ‒ лулка на демократијата.

На овој голем празник, уште еднаш, да се потсетиме на заветот кој ни го оставија нашите предци, достојно и гордо да го чуваме ова парче земја бидејќи тоа е сè што имаме.

Нека ни е честит и вековит 11 Октомври!

Да живее Република Македонија!“, се вели во честитката на претседателот д-р Ѓорге Иванов.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk