Иванов: Нема да легализирам политички дивоградби, Македонци, чувајте го вековниот идеал на непокорот

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во своето обраќање рече дека денеска за прв пат на увид му бил доставен постигнатиот договор меѓу премиерите на Република Македонија и на Република Грција. На средбата што изутринава ја имал со премиерот Заев и министерот Димитров, Иванов им укажал дека тоа бил нивен личен договор, нивна лична одлука и нивна одговорност.

„Им укажав дека овој штетен договор претставува напуштање на досега изградените суштински државни позиции, а кои беа потврдени и на последните две лидерски средби. Тоа се: неменување на Уставот и неприфаќање на име за севкупна употреба, или ерга омнес“, рече Иванов.

Иванов рече дека ваквиот штетен договор, кој е единствен во историјата на човештвото, за него е недостоинствен и неприфатлив. Со него се крши Уставот, Законите и се рушат државните институциите и нема да легализира политички дивоградби.

„Владата не смогна сила и храброст да изградиме заеднички став и да се постигне национален консензус. Целиот овој преговарачки процес се одвиваше несериозно, неодговорно и нетранспарентно, за што сведочи и крајниот резултат. Текстот на договорот е поразителен за Република Македонија. Со него не се предвидува само промена на уставното име, туку промена на преамбулата, како и на сите членови од Уставот каде се споменува името и термините, произлезени од името Македонија“, изјави Иванов.

Претседателот Иванов постави неколку прашања:

Дали е патриотизам да се менува преамбулата и да се избрише државно правниот континуитет на Република Македонија, Крушевската Република и АСНОМ?

Дали е патриотизам бришење на членот од Уставот за заштитата на македонското малцинство во соседните земји?

Дали е достоинствено да се информираат сите членки на Обединетите Нации дека сте го промениле уставното име?

Дали е достоинствено да ги прифатите сите грчки барања и ултиматуми?

Дали е лидерство да се прифати текст на договор во кој нема никаква правна сигурност и гаранции за македонската страна?

„Со ваков договор се отвораат многу повеќе прашања и проблеми, отколку што се затвораат. Прашања со несогледливи последици по македонската држава и македонскиот народ. Грција успеа да ги исполни своите максималистички барања. Одговорно тврдам, дека тоа што го направи со Македонците во Грција, сега преку овој договор, настојува да го направи со Македонците во Македонија. Со ваков договор не се јакне македонскиот идентитет, туку се деградираат веќе стекнатите права кои ги имаме во Обединетите Нации. Се погазува заветот на нашите предци, на оние кои со чисто срце го создаваа вековниот идеал и стремеж за наша една и единствена Македонија. Се погазува 73 годишното право на самоопределување и државност на македонскиот народ, се брише 27 годишната историјата на независната македонска држава. С`е што е свето за Македонија е погазено, а правото и гордоста на неродените да бидат Македонци им се ускратува“, рече Иванов.

Иванов потенцира дека Република Македонија ја губи својата суверена еднаквост што произлегува од Повелбата на Обединетите Нации. Претседатело повикув да престане да се злоупотребува остварувањето на нашите стратешки цели и определби. Европската Унија и НАТО не смеат да бидат алиби за лош договор, кој ќе предизвика несогледливи и штетни последици по државните и националните интереси на Република Македонија. Ваквиот договор не го обединува општеството, туку дополнително го поларизира.

„Како Претседател на Република Македонија, како и досега, така и во иднина, ќе се залагам за изнаоѓање решение кое нема да го наруши достоинството на македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија.

На крај, го повикувам македонскиот народ каде и да се наоѓа да не се плаши. Не ја губете вербата во себе. Чувајте го и негувајте го нашиот многувековен идеал на непокорот.

Мојот став е конечен и нема да ме поколебаат со никакви притисоци, уцени и закани. Нема да поддржам и потпишам ваков штетен текст на договор“, децицен е претседателот Ѓорге Иванов.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk