ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ со градоначалникот проф. д-р Јован Стојаноски: „Ќе бидеме локална власт од збор“

Д-р Јован Стојаноски е прв човек на Општина Охрид нешто повеќе од два месеци, или поточно од 20 октомври 2017 година, кога седна во градоначалничката фотелја на неговиот претходник, д-р Никола Бакрачески, кој со Охрид владееше четири и пол години. Последните денови од годината што изминува ги искористивме да направиме ексклузивно интервју со градоначалникот Стојаноски на повеќе актуелности и теми кои ги засегаат охриѓани.

Разговаравме за неговите приоритети како прв човек на градот, за туристичките и инфраструктурни зафати, за проблемот со иселувањето на младите луѓе, за соработката со советниците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, за состојбата со општинската администрација, како и за новините кои се најавуваат во начинот на функционирање на месните и урбаните заедници.

ОХРИД 24: Јован Стојаноски е веќе два месеци градоначалник на Охрид. Какво е чувството да се биде „градски татко“, на еден, како што го нарековте и во предизборната кампања, „не само обичен македонски град“. Колку според вас Охрид не е само „обичен град“, туку нешто повеќе?

– Охрид е бисерот, богатството и симболот на Македонија, бидејќи е уникатен и неповторлив по многу нешта. Неговите природни, културни и духовни обележја се она по што не препознаваат во светот. За мене голема среќа е да се живее во овој град, а да се биде Градоначалник би рекол дека е прекрасна привилегија. Истовремено чувствувам  задоволство, но и огромна одговорност, бидејќи целта ми е Охрид да прерасне во уште поголем бренд.

ОХРИД 24: Вие, може да се рече дека од поодамна сте „жител“ во оппштинската зграда. Бевте советник и координатор на советничката група. Значи, со Охрид како град и како општина се познавате и одвнатре. Овојпат и како најодговорен и најповикан  за она што се случува и што ќе му се случува на градот. Што за вас беше мотивирачко и кој беше предизвикот да тргнете во освојување на градоначалничката функција? Состојбите кои му се случуваа на Охрид, или визијата ваша за она што треба да му се случи на Охрид?      

– Во неколку интервјуа до сега имам кажано дека мотивот и предизвикот да се кандидирам за Градоначалник е тоа што сакам да придонесам Охрид да биде хармонично, сигурно и посакувано место за живот, работа и одмор. Мојата визија е Охрид да биде град со иднина, град на младоста и надежта.

ОХРИД 24: Кои се приоритетите со кои ќе ја започнете реализацијата на вашата визија за Охрид? Што, според вас, очекуваат граѓаните, конечно, да се апсолвира како прашање, како горлив проблем?

– Мојата предизборна програма се темелеше на три носечки проекти, кои ќе имаат приоритет за реализација. Тоа се проектите „Сите за Охрид“ кој предвидува изработка на сеопфатна стратегија за развој на градот во сите сфери, „Охрид за Сите“ кој предвидува конкретен план и мерки за консолидација на општинските јавни претпријатија  и „Тука за Вас“ кој предвидува мерки за подобрување на квалитетот на услугите од страна на јавната администрација, која треба да биде подеднакво посветена на сите граѓани.

Но секако, основа за реализација на сите предвидени проекти ќе биде репрограмирањето на вкупниот долг на општината, кој е најгорливиот проблем. Веќе направивме неколку конструкции и симулации за начините и предлозите преку кој истиот би можел да се намали. Очекуваме поддршка и од централната власт во однос на решавање на овој проблем.

ОХРИД 24: Според статистичките податоци Охрид повеќе години наназад е неславен рекордер по бројот на млади и образовани лица кои се иселуваат од градот. Која е стратегијата на новата локална власт со која младите, но и сите охриѓани ќе ја гледааат својата перспектива во родниот град?

– Сите мерки и политики на новата локална власт ќе бидат основа за подобрување на условите за живот и егзистенција во Охрид со цел младите да ја гледаат својата иднина тука. Иселувањето е веќе долгорочен проблем со кој се соочува нашиот град и за неговото решавање потребен е организиран и плански пристап.

ОХРИД 24: Неодминливо е, кога се разговара со охридскиот градоначалник, да се побара мислење за тоа како може и што ќе преземете Охрид да биде во фокусот на тур-операторите, не само за летната сезона, односно да продолжи она раздвижување во туризмот, особено на странските тури кои се почесто може да се видат и вон летната сезона?

– Бидејќи Охрид е туристички град, еден од приоритетите ќе биде создавање на услови за одржлив туризам. Имаме конкретен развоен план на ова поле кој има за цел да се создаде препознатливост и атрактивност на Охрид како брендирана туристичка дестинација.

Планот за развој, базиран на стратегијата за развој на туризмот во Охрид, првенствено опфаќа мерки за унапредување на туристичкиот квалитет и содржината на туристичкиот производ, валоризација на ресурсите, развој на туристичката инфраструктура и создавање на нови туристички атракции.

ОХРИД 24: Веќе со години се зборува за алтернативен туризам: рурален, спортски, конгресен, здравствен, масовен, елитен… Кој ќе биде моделот што вие ќе го протежирате и зошто сметате дека тоа може најмногу да придонесе и за Охрид, а и  за охриѓани чија професија и егзистенција е токму туризмот?

– Во Планот за развој за кој зборував во рамки на претходниот одговор предвидува неколку клучни стратешки промени кои ќе го обележат туристичкиот развој на Охрид. Станува збор за промена на туристичкиот карактер каде би се додале здравствениот, спортскиот, „wellness“ и „incentive“ туризам, со цел градење на силен и препознатлив бренд кој ќе го позиционира Охрид како препознатлива и посакувана дестинација на туристичкиот пазар, како и за современа маркетиншка концепција која вклучува проширување на структурата на целниот пазар.

Со сите овие поволности и со овој план ќе се зголеми атрактивоста на градот како туристичка дестинација, ќе се зголеми бројот на туристички ноќевања. Тоа ќе доведе до економски развој, нови вработувања, подигнување на стандардот на локалните жители, а ќе се зголеми и траењето на туристичката сезона.

ОХРИД 24: Tуристичката понуда оди во пакет и со туристичката услуга и со професионалниот однос на хотелиерите и воопшто на домаќините охриѓани кон гостите. Колку според вас се поврзани и колку задоволуваат овие две вредности во севкупниот впечаток на гостинот за промоција на Охрид? Што би можело да остане како добро однесување, а што да се промени и измени?

– Многу фактори се клучни за да добиеме еден комплетен туристички производ. Ние како локална самоуправа ќе бидеме отворени за соработка со хотелскиот и угостителскиот еснаф. Сметам дека само со заеднички ангажмани, идеи и залагања може да се постигне успех.

ОХРИД 24: Да се оддалечиме малку од туризмот за кој сите по малку тредба да придонесеме, но да се навратиме на охридското секојдневие и на сообраќајниот режим во градот? Се изградија во последните 8 години неколку кружни текови. Тоа го подобри циркулирањето на сообраќајот, но како се уште да фали нешто малку, а многу потребно? Што размислувате околу ова прашање? Најавувате ли некои нови измени?

– На ова поле имаме планирано конкретен проект „Одржлива мобилност – безбедни улици“ кој подразбира регулација на режимот на сообраќај и создавање услови за еднаква достапност до сите градски зони по мерка на корисниците, со почитување на основните принципи на безбедност и запазување на еколошките стандарди.

Приоритети ќе бидат унапредување на сообраќајните услови во централното градско подрачје; изведба и проширување на пешачки патеки; изведба и обележување на велосипедски патеки; реконструкција на постоечката и изградба на нова улична мрежа во приградските населби и населените места и создавање услови за подобра сообраќајна поврзаност на градот со регионот и пошироко, како предуслов за зголемување на атрактивноста за нови инвестиции.

ОХРИД 24: За секој ваш предлог и идеја, сепак треба да го консултирате и да побарате поддршка од Советот. Каква е вашата соработка со советниците и колку се тие конструктивни во однос на вашите предлози и активности?

– Задоволен сум од досегашната соработка со советниците, сметам дека Советот има капацитет посветено и професиионално да работи и да придонесе во носењето на одлуки кои се важни за граѓаните на Охрид. Очекувам конструктирвна соработка со советниците и иднина.

ОХРИД 24: Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ најави бојкот на работата на Советот до исполнување на барањата за кои протестираат секојдневно. Што ќе промени оваа нивна одлука во функционирањето на Советот, но и на градоначалникот?

– Опозицијата е многу важна во рамки на Советот и во делот на конструктивната расправа , но и во делот на конкретните предолзи и барања од нивна страна. Очекувам одлуката за бојкот за брзо време да биде повлечена и советниците на ВМРО-ДПМНЕ да се вратат и да придонесат во работата на Советот на општина Охрид.

ОХРИД 24: Кога сме кај поддршката, секaко, најпотребна е тука и работата и активноста, односно активнатаи конкретна секојдневна поддршка од страна на општинската администрација. Колку сте задоволен од тимот со кој соработувате и што е потребно да се промени, ако треба  да се промени, или унапреди  во однос на внатрешната систематизација?

– Општинската администрација е клучна за работењето на една локална самоуправа. Мислам дека периодот на адаптација веќе го поминаваме, очекувам поддршка и посветено работење и во иднина. Администрацијата во општина Охрид е многубројна и сметам дека има капацитет и квалитет да испорача квалитетни резултати во работењето.

ОХРИД 24: Кои се проектите, методите и стратегиијата по однос на работењето и функционирањето на општината и кои се проектите врз кои ќе работи  и ќе биде препознатлив градоначалникот Стојаноски заедно со неговиот тим?

– Основна цел ни е да ја вратиме довербата во локалната администрација. Мораме да бидеме услужни, достапни, отворени и транспарентни во нашата работа. Да бидеме локална власт од збор и подеднакво посветена на сите граѓани. Проектите кои ќе ги реализираме во текот на следните четири години ќе бидат базирани на мојата предизборна програма и истите ќе ги реалиизраме постепено, соодветно на условите и можностите со кои ќе располагаме.

ОХРИД 24: Во текот на месец ноември се извршија избори и во месните и урбаните заедници кои ги покрива Општина Охрид. Оттаму најавуваат поголеми измени во нивното функционирање. Општината ќе ги поткрепува финансиски со поприлична сума  дотации. Во сушност, кои  и какви ќе бидат измените на соработка и поддршка на урбаните и месните заедници?

– Сметам дека месните и урбаните заедници се клучна алка во решавањето на проблемите и исполнувањето на барањата на граѓаните во делот на урбаната и комуналната инфраструктура. Во рамки на проектот „Тука за вас“ планирано е отворање на Канцеларии од Локалната самоуправа во секоја урбана и месна заедница. Планирано е секоја урбана и месна заедница да располага со сопствен буџет, а средства ќе бидат наменети за инфраструктурни проекти.

ОХРИД 24: Оваа година календарски е веќе при крај. Која е вашата предновогодишна порака до охриѓани и што посакувате да лично, но и професионално да ви се исполни во годината што доаѓа?

– Мојата желба е Охрид и охриѓани, наредната 2018 година да ја забележат како година на позитивни промени, на нова свежина, на големи радости и неповторливи успеси. Посакувам добро здравје, мир, љубов и благосостојба за сите. Нека ни е среќна и бериќетна Новата година!

ОХРИД 24                                                                                                                    Павел Донески

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk