Европски триатлон куп и Балканско првенство во Охрид

Во организација на Триатлон Федерација на Македонија (ТФМ) и Асоцијацијата на спортови „Спорт за сите – сите за Спорт“ (АСС), викендов во Охрид ќе се одржи Европски Триатлон куп и Балканско првенство.

„Триатлтон федерацијата на Македонија заедно со Асоцијацијата за спортови „Спорт за сите – сите за Спорт“ ќе организираат голем европски настан во Охрид. Се работи за Европски куп и Балканско првенство во Триатлон кои ќе се одржат утре и задутре во градот Охрид. Триатлонот како спортска дисциплина бара големи организациски активности. Сите ние заедно со подготовки почнавме пред половина година и сигурен сум дека во Охрид ќе имаме настан за кој ќе се прераскажува“, изјави Иван Михајлоски претседател на Триатлон федерацијата на Македонија на денешната прес конференција.

На самиот натпревар се очекуваат натпреварувачи од околу 20 земји од Европа во различни категории од кадетски, младински и сениорски категории , од двата пола или околу 260 натпреварувачи. Стартот и целта на Триатлонот е пред плажата Бафало, а учесниците ќе се натпреваруваат во пливање, возење велосипед и трчање. Самиот тек на натпреварот ќе се одржува во два натпреварувачки дена.

Триатланот во Охрид ќе биде следен од делегатот од Европската триатлон федерација, Андреас Галанос. Тој на крајот ќе го оцени спортскиот настан во Охрид.

„Многу сум среќен што сум дел од овој мега спортски настан во Охрид и исто така многу ми е мило што гледам со каков ентузијазам луѓето го организираат Триатлонот. Условите и се останато е на страната од градот и организаторите и јас не гледам ниту една причина за пречка за успешен и добар Триатлон“, истакна Галанос.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk