Долгот на општина Охрид галопирачки расте

Вкупниот долг на сите 80 општини во Македонија на почетокот на декември лани изнесуваше 250 милиони евра, како што соопшти тогаш премиерот Зоран Заев на форумот на градоначалници во Струга. Владата сега презема активности да се согледа вистинската задолженост на општините, која е несомнено поголема.

Општина Охрид е една од рекордерите во Македонија во поглед на сумата на вкупниот долг, за којшто дури и не се знае во овој момент колкав е – според одделни официјални информации тој изнесува 719 милиони денари, или околу 11,7 милиони евра, но неофицијалните и сепак попрецизни сознанија укажуваат дека долговниот товар на општина Охрид се искачува некаде до 30-33 милиони евра.

МКД.мк побарала информација од нејзиното раководство како настанал долгот.

„Првите проблеми и задолженоста на Општина Охрид започнаа со изградбата на колекторскиот систем, кој беше проект на државата. На крај финансиските обврски паднаа на товар на општината. Како резултат на тоа во 1995 година беше донесена пресуда, со која општината е задолжена да му исплати на градежното претпријатие „Гранит“ 183,5 милиони денари. Врз основа на оваа пресуда во 2001 година е донесено првото извршно решение, со кое се блокира сметката и од таа година општината функционира со блокирана сметка. Изградбата на спортската сала „Билјанини извори“ во Охрид е товар, кој исто така падна врз општина Охрид. И за овој проект во 1999 година е донесена пресуда, со која општината е задолжена да плати 87 милиони денари. Поради овие блокади, општината работи во услови на финансиска нестабилност и без можност редовно да ги сервисира финансиските обврски. Оттука произлегува и проблемот со законските задржни каматни стапки, кои општината е обврзана да ги плати. Тие каматни стапки предизвикуваат задолженоста постојано да расте“, се наведува во писмениот одговор добиен од Одделот за односи со јавноста на Општина Охрид.

На прашањето на МКД.мк дали може и како со сопствени сили да се разреши долгот општина Охрид оттаму велат:

„Општина Охрид не може сама да го елиминира нивото на задолженост, поради континуираниот зголемен долг и генерираните нови каматни стапки. Општина Охрид не може сама да се задолжи на финансискиот пазар, поради тоа што нема кредитор кој би финансирал вакви биланси. Затоа е потребна интервенција од државата, која би се јавила како гарант за ваквото задолжување. Задолжувањето со долгорочен кредит по светски услови би ја прекинало оваа спирала за растење на долгот“, се вели во споменатиот писмен одговор од охридската локална самоуправа.

ИЗВОР: МКД.МК

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk