Дневник: Охрид е Јустинијана Прима – седиштето на црквата на апостол Павле?!

Во вчерашниот број на весникот Дневник се пренесува истражувањето на македонскиот публицист и истражувач Милош Линдро, кој во својата нова книга засегна редици прашања од нашето културно и духовно минато. Според Линдро, ако еден наш човек од љубопитство побара по „Гугл“ што е тоа Јустинијана Прима, од тоа, денешно, божем „авторитетно ниво“, ќе добие лажен одговор: тоа бил некаков „Царичин град“, близу до градот Лебане, не многу далеку од Лесковац, Србија. А како тоа се докажува? Никако, вели тој.

панорама Охрид

„На сите средновековни карти, во сите средновековни и нововековни ракописи и книги тоа е – Охрид, а не некакво Лебане. Сепак, за ваквата голема забуна, донекаде се виновни и нашите, македонски истражувачи, кои не разбирајќи што е тоа Јустинијана Прима, ги предлагаат Таор, Бадер и Скопје како места на историска и археолошка убикација на Јустинијана Прима. Во книгата Segunda impresium index novus…, отпечатена во 1735 година во Padilla, веројатно Padilla de Abajo, на деветтата страница стои дека токму Охрид е седиште на Јустинијана Прима. И тука, точно тука, во самото име, всушност е коренот на вековните заблуди околу тоа што е тоа Јустинијана Прима.

Сите тргнуваат од податоците нотирани во делата на Прокопиј, вклучително и делото „Тајната историја“, која му се припишува нему, без да биде тоа недвосмислено докажано. Значи, да се разбереме, Јустинијана Прима не е град или – само град, тоа е центар, седиште на древна црква. Зошто? Затоа што во таканаречената ’Шпанска нотиција‘ се објаснува дека во таа стара, балканска црква, основана од апостол Павле и официјализирана од императорот Јустинијан, терминот ’примас‘, тоест ’превол‘ означува ’патријарх‘. Оттука Јустинијана Прима би требало да се разбира како Патријаршијата на Јустинијан. Во она што се нарекува кабинетска наука, која кај нас е од поново време, но на запад е од постаро, се воведува дури и еден смешен поим Јустинијана Секунда, што е апсолутен нонсенс. Всушност на тој начин се банализираат и целосно се забошотуваат трагите“, смета Линдро, посочувајќи голем број факти како доказ за своето тврдење дека Јустинијана Прима никако не може да биде во некакво Лебане, кај Лесковац, или во селото Таор, кај Зелениково, туку само и единствено во Охрид, древно црковно седиште од најстари времиња.

Света Софија

Пред десетина години, читајќи еден зборник со старословенски текстови, наидов на реченица, која ме замисли и не ми даваше мир долго време. Еве ја таа реченица: ‘Всемъ бо языкомъ съкривены таини визвестъныхъ словесныхъ разоумно изповедоу сказа’или, во современа форма предадено: ’На сите народи скриени тајни, воведени во буквите, со разумна проповед, им ги кажа‘.

Реченицата е од една похвала на св. Kирил, а му се припишува на св. Kлимент и е застапена во Скопскиот минеј. Смислата на секоја намерно скриена тајна е – да биде преоткриена! Но, спомнатите намерно ’скриени тајни‘ (воведени преку буквите), кога биле преоткриени и разумно изложени (од св. Kирил), требало да им послужат ’на сите народи‘. Значи, ’скриените тајни во буквите‘ требало да им бидат достапни не само на словенските, туку – на сите народи! Ако е така, тогаш на кој јазик можел да им се обрати св. Kирил на сите народи? Јасно, на некој универзален. Со поими, знаци и симболи, кои се до таа мера очигледни, што секој што има очи може да ги види, и секој што има разум ќе може да ги разбере.

На друго место, тука ја имаме предвид древната словенска ’Kнига со тајни на Енох‘, во која може да се прочита дека спомнатите ’скриените тајни‘ биле во врска со ’небесното царство‘. За нас, наследниците на древната словенска култура, навистина е голем предизвик да разбереме зошто откривањето на ’тајната на небесното царство‘, како и нејзиното предавање на ’сите народи‘, му е припишано на св. Kирил, ’новаго апостола и учителја всем странам‘. Од друга страна, тоа откривање на ’небесните тајни‘ во ’Kнигата со тајни‘ му се припишува токму на Енох, кој, според неа, единствен го виде лицето на Бога, па затоа е означен како прародител (праотец) на Словените.

Дали тоа е една иста личност или се работи за некаков процес: откривање-криење-преоткривање? Според мене, посочените ’скриени‘ и ’небесни‘ тајни немаат ништо заедничко со богословските ’објасненија‘, кои се крепат на поимите: божја љубов, зло во човечкото срце, гревови, проштевање, спас на човечката душа и слични замајувања, односно небулози. Значи, доколку си ја дозволам истата традиционална метафорика, се работи за ’светлината на разумот‘, со чијашто помош е согледана и пренесена (’откриена‘) силата на избраните, трајни знаци. Овие ’трајни знаци‘ се божествени творби и затоа се неуништливи, односно ’небесните тајни се на небото‘, и се уште се таму! Тие се симнати на земјата од Енох, кој е Хермес, Меркуриј, Идрис, Зeт/Тет/Ѓеути…, а тој е прародител на Словените, на денешните словенски народи. Така запишал Ал Масуди.

Небесните тајни се конфигурациите на созвездијата, т.е. ’констелациите‘, и тие се ’симнати на земјата‘ како – идеограми, букви и цифри! Kако букви и цифри тие се застапени во древната фригиска, бригиска и словенска азбука – ’литицата‘, викана уште и ’буквица‘ и ’глаголитица‘ т.е. ’глаголица‘. Или, ползувајќи ја старата терминологија, спомнатите ’небесни тајни‘ се конзервирани како ’писмена‘ и ’чисмена‘ преку ’литицата‘ на ’Ословенетите‘ (Словени = Венети, Вини/Фини, Финикијци). Создателот на фонетското писмо е нарекуван Kирил (Kурило), но и Фениус, Јероним, Методиј, а на Елините им го предале браќата ’просветители‘ Kадмо и Тас, кои се синови на Феник (Фениус?), затоа се наречени – Феникијци. Оние истите, за кои древните записи тврдат дека го основале Ликнид (Езерскиот град) или Лихнидо (Градот на Светлината, се разбира – божествената!)

Дали Градот на светлоста е Градот на светлоста и на светоста, божествениот Лихнид, дали тоа е светата Акрида, наречена и Првата Вистина – запамтена и нотирана како Јустинијана Прима, а која треба да се разбере како Патријаршијата основана од Јустинијан? Kако и да е, секоја година, во континуитет од илјадници години се раѓало Детето-Бог, секоја година одново идело (’Рождество‘), за да го ’поправа‘ ’незнанието на човеците‘ и да ја прогонува ’смртта на народите‘. Kога изминало некое време, некои од нашите предци ги предаваат тие скриени тајни на другите народи. Тие тајни биле предадени и на сите слоеви, без разлика на потеклото, а не само на ’избраните’ и ’издигнатите‘ (hizdraelites).

Тоа мисионерство му се припишува, на пример, на апостол Павел (Paulus/Paulina), кој го добил името на паунот (паулината) – небесната птица. Тоа е птицата со небесните очи – ѕвездите на лепезестата опашка. Но тоа мисионерство му се припишува и на Kурило, нашиот светец, следбеникот на апостол Павле, божествениот Kирил, а тоа мисионерство, без да се погреши, може да му се припише и на ученикот на свети Kирил, охридскиот нов апостол свети Kлимент, кој бил ’прв епископ‘, односно ’Патријарх‘ на ’Првата Вистина‘, нотирана како Јустинијана Прима“, смета Милош Линдро.

Повеќе може да прочитате на следниот линк.

ОХРИД 24                                                                                                              извор: Дневник

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk