В недела селските камбани ќе го означат почетокот на еколошко сенародно востание, во историска Дебрца

Во недела, 22 април – Денот на екологијата, во пет до дванаесет часот, камбаната на „Свети Атанасија”, во историското село Црвена Вода, ќе го означи почетокот од еколошкиот бунт на жителите од општина Дебрца, но и од други градови во земјата, против владината намера за изградба на регионална депонија на територијата на оваа општина, кај селото Годивје, на неколку стотини метри одновиот автопат во изградба, Кичево-Охрид.

„Звукот на црвеновочката камбана, слично како и во 1941-та, ќе го преземат и ќе го продолжат црквите во сите останати села, со што ќе започне второто, овој пат, еколошко сенародно востание! Веднаш потоа, после селото Ботун, влезот во првоослободената територија за време на антифашистичката војна пред 7,5 децении, ќе биде запрен сообраќајот на автопатот Охрид-Скопје, откај кичевската страна и кај Ново Село и така ќе биде цели два часа, се додека трае големиот протест“, информираат од организаторите на протестот.

Обезбеден е широк простор, на кој ќе можат да се паркираат до илјада лесни возила, додека автобусите на „Пупе Компани” и „Омега”, ќе бидат во постојано вртење до Охрид и назад.
Интересот за протестот е огромен. Просториите на Општинската организација на Сојузот на ветераните за Охрид и Дебрца, претпладнево, беа претесни да ги примат сите заинтересирани. Оваа асоцијација, пријавила над двесте учесници-по список, исто толку и организацијата на Сојузот на борците и поддржувачи, а јавно се огласи и Општинската организација на Партијата на пензионерите, која, исто така, по список, ќе носи членови и симпатизери на протестот.
Координативното тело, веќе излезе со јавен проглас (Манифест), а печатеше и плакати и помали флаери.

„Дебрчани, сега е моментот. Дебрца чиста ја наследивме, чиста и ќе ја оставиме, порачаа организаторите на протестот, кои во повикот потсетуваат на убавините на овој регион, но и на значењето на Дебрца во градењето на државата, тогаш кога било најтешко“, се вели во Прогласот.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk