ВМРО-ДПМНЕ со апел до Градоначалникот и советниците уште еднаш да ја преиспитаат предлог-одлуката за нови цени и проширување на паркинг зоните во Охрид

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Охрид Сашо Донев во своето видео-обраќање упат апел до градоначалник Јован Стојаноски и советниците уште еднаш да ја преиспитаат предлог-одлуката за нови цени и проширување на паркинг зоните во Охрид.

„С`е уште имате време да ја преиспитате вашата предлог-одлука за нови цени и проширување на паркинг зоните во Охрид и истата да ја повлечете. ВМРО-ДПМНЕ ја поддржува само идејата за имплементација на систем за електронска наплата на паркирањето, но е одлучно против проширувањето на паркинг зоните во Охрид“, изјави Донев.

Донев вели дека со одлуката се воведува платен паркинг на улици на кои не треба да биде дозволено паркирање воопшто. Се воведува платен паркинг на улиците „Самоилова“, „Коста Абраш„, „Илинденска“, улици кои треба да бидат туристички пешачки зони а не паркиралишта. Со одлуката ќе трпат станоиздавачите, угостителите и жителите на Стар град и Охрид. Со воведувањето на платен паркинг на улицата „Јане Сандански“ по цела должина, улица која е крвоток на градот и на која се наоѓаат голем број мали бизниси, истите ќе бидат директно погодени од неможност за достава на роба и тековно непречено работење.

„Го повикуваме Градоначалникот да се зафати со реализација на проекти кои суштински ќе го решат проблемот со паркирањето во градот, како изградба на катни гаражи и јавни паркинзи. Со ова што го предлагате и сте спремни да го протуркате во Советот, само ќе ја влошите безбедноста на сообраќајот кој и онака е хаотичен во летните месеци и ќе ги зголемите трошоците за живот на охриѓани и трошоците на престојот на гостите кои го посетуваат Охрид“, вели Донев.

Донев со повик до советници како непосредни претставници на граѓаните дека тие се на потег.

„Градоначалникот е само обичен извршител на вашата волја која ја црпите директно од волјата на граѓаните. Вие одлучувате, не Градоначалникот. Вашиот глас против – ќе биде глас на разумот, глас за граѓаните и глaс за поубав Охрид. Гласајте со разум и совест. Гласајте за граѓаните на Охрид. Гласајте гордо и одлучно ПРОТИВ!“, порача претседателот Сашо Донев.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk