ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ пушти полициски резервисти и општински службеници да снимаат граѓани на протестниот марш, за да вршат притисоци

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција во партиското седиште во Скопје, изјавија дека вчера на протестниот марш во Охрид, СДСМ и Зоран Заев ги изваде партиските пајташи да ги следат граѓаните кои протестираат.

„СДСМ е во паника! Гледаат дека народот не ја поддржува нивната антидржавна политика и тргувањето со националните интереси па ангажираат се што им стои на располагање за да ги заплашат граѓаните. Злоупотребуваат и институции и ресурси и закони. Замислете во 21 век, СДСМ сака Република Македонија да ја врати 50 години назад. СДСМ сака со своите методи да не врати времето на едноумието на кое што истите тие се следбеници.

Истиот ден кога Оливер Спасовски како прв човек на полицијата најавува дека ќе бидат апсени сите што ќе работат против СДСМ на референдумот, СДСМ ги пушта партиските пајташи да ги следат, снимаат и документираат сите граѓани кои се излезени на протест во Охрид, за потоа да можат да вршат разно разни притисоци“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму велат дека лицата што се сликани како ги фото и видео документираат граѓаните кои протестираат може да се забележи дека се во директна комуникација и координација со командирот на полициската станица, Саше Дончески.

„Дали овие лица кои вчера го сликаа и снимаа протестниот марш на ВМРО ДПМНЕ се извесни Благојче Радески и Наум Баулоски, лица кои претходно работеле во агенција за обезбедување, а сега се ангажирани како резерва во Министерството за внатрешни работи? Која била вчера нивната задача? Дали тие се пратени на задача лично од Заев и Спасовски и по која основа се ангажирани истите лица? Кој член од законот или уставот забрануваат, протестно собирање на опозицијата и граѓаните?

Дали третото лице кое исто така снима и видео документира е сестра на шефот на кабинет на градоначалникот Јован Стојаноски?

Дали овие три лица се пратени директно од Заев и Оливер Спасовски да ги документираат граѓаните кои излегле да протестираат против власта за подоцна да можат да им вршат притисоци?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

За опозициската партија со ова, СДСМ само си го покажала лицето. Ниту се за демократија, ниту се за европски вредности. На СДСМ не им е важно што мислат граѓаните, единствено им е важно да ги исплатат фактурите кои ги должат. Со ваквото Северно-Корејско однесување, Македонија нема да стане европска. Со ваквото однесување на Заев и Спасовски Македонија се повеќе се оддалечува од европските стандарди.

„Господа од СДСМ,

Со ваквото Северно-Корејско однесување нема никого да заплашите само ќе го мотивирате народот уште погласно да ви каже збогум и да ве прати во политичката историја онаму каде што ви е местотот и тоа што побрзо. На крајот Македонија и граѓаните ќе победат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk