ВМРО-ДПМНЕ: Мицкоски ја прекинува работната посета во Италија, бараме итна лидерска средба за името

Игор Јанушев, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конфернција изјави дека премиерот Заев и Владата во континуитет демонстирааат дисонтантни тонови во однос на преговорите за името. Тие на почетокот имале ставови за непромена на Уставот и задолжително одржување на референдум, но во периодот кој измина се гледало како тие ставови не само што бледнеат туку и истите се напуштаат.

„Евентуалното постигнување на договор помеѓу Република Македонија и Република Грција би било чин на заеднички компромис, што подразбира и грчката страна да отстапи од некои свои позиции и барања. Но такво чувство не постои, и се чини дека единственото попуштање и ретерирање во ставовите е она од македонска страна. За сето ова единствените информации кои ги има јавноста и партиите се оние кои ги добива од грчките медиуми, и по некој неформален брифинг кој излегува во дел од македонските“, рече Јанушев.

Единствените информации кои ВМРО-ДПМНЕ ги имало добиено од Владата која ги води преговорите за името биле оние добиени на лидерската средба која се одржа во месец јануари оваа година во клубот на пратеници, и билатералната јавна средба меѓу лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ која се случи со почетокот на месец март во просториите на Владата на Република Македонија. Од тогаш до денес, ВМРО-ДПМНЕ не била запознаена со аспектите ниту новите детали од разговорите кои ги води Владата на Заев и грчката страна во преговорите.

„Имаме дипломатија која се движи по линија на егзибиционизам. Остануваат само позитивните тонови и изјави на Заев, а според неофицијалните информации работите во реалноста се движат во непосакуван правец. Јавноста е во исчекување, а граѓаните имаат право да знаат што македонската влада прифаќа уште пред да има официјален договор за тоа, бидејќи за Македонија нема посуштинско прашање од прашањето за името“, изјави Јанушев.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, господинот Христијан Мицкоски ја прекинува својата работна посета на Република Италија и средбите кои што ги имаше со македонската дијаспора и веќе е на пат за Македонија.

„Бараме итна лидерска средба која би се случила уште во текот на утрешниот ден, и на која би присуствувал и претседателот на државата господинот Ѓорѓе Иванов, а на која премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Димитров би ги соопштиле деталите и насоките по кои се движат разговорите за името, за да може јавноста да биде информирана но и партиите да заземат став по однос на ново настанатата ситуација“, нагласува Јанушев.

Јанушев истакна дека Зоран Заев иако е премиер, тој го нема монополот во името на целата држава, власта, опозиција, политички определените или неопределените да одлучува за ова најважно прашање, а евентуалниот договор, да биде ставање на целата држава пред свршен чин.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk