ВМРО-ДПМНЕ: За Стојаноски туризмот е невозможна мисија, СДСМ направи хаос во поставувањето урбана опрема и реквизити за забава

Денеска во просториите на општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ се одржа прес-конференција на која Лидија Петкоска, советник во Советот на општина Охрид изјави дека очекувале Охрид да се развива во модерна туристичка дестинација, но поради профитот СДСМ и градоначалникот Стојаноски го загрозија угледот на Охрид. Со нивната безидејност, незнаење и немање план, како што рече, добивме хаос во поставувањето урбана опрема и останати реквизити за забава.

„Ѕидините на Самоиловата тврдина се затскриени со тезги. Каде е плоштадот на уметноста кај Долна порта и културното катче? Владее хаос кај Амамот и Градскиот плоштад. По Кејот бокс апарати, надуени реквизити, мал автодром, вовчиња насекаде, само не на точно одредени локации. Чинарот како знаменитост воопшто не е достапен за туристите. Добивме Лесковачки роштиљ туризам на изградената пешачка и велосипедска патека. Со која ли метода, со кој ли елаборат за животна средина и која ли работна група одлучила дека е оправдано поставување на угостителски објект на самата велосипедска патека?“, праша Петкоска.

Според Петкоска градоначалникот Јован Стојаноски го уништува Охрид, а секојдневно упорно нè убедува дека ветениот – туризам 365 дена во годината – е невозможна мисија за безидејниот и несовесен СДСМ.

„Каков туристички прoизвод им нудите на туристите и каде туристите можат да пробаат локални производи? Кои атрактивности ги нудиме во нашата приказна

Господа од СДСМ,
Време е да се свестите дека сите живееме од ист производ, а тоа е туризмот. Не ја добивте поддршката од охриѓани, за да им го уништувате она што им е свето. Затоа, надминете се себе си и грижата за туризмот препуштете им ја на оние кои можат, сакаат и знаат да му се посветат, на оние кои умеат да го осмислуваат и унапредуваат“, порача Лидија Петкоска од ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk