ВМРО-ДПМНЕ: Жителите на Стар град не бараа рампи и не се должни да плаќаат за картички

Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ кај Горна порта одржа прес-конференција на која зборуваше Д-р Кирил Пецаков, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

„Локалната власт предводена од градоначалникот Јован Стојаноски повеќе не е глас на разумот, гласот на граѓаните и глaсот на Охрид. Без разум и совест во период кога туристичката сезона е започната повторно се поставени рампите во центарот на градот и Горна порта.
Градоначалникот Стојаноски веднаш да го поништи донесеното решение бидејќи ќе трпат станоиздавачите, туристите, угостителите и жителите на Стар град“, рече Пецаков.

Пецаков со низа прашања до Локалната власт:

„Наместо општество за сите, зошто ги делите граѓаните со специјални пропусници?
Знаеме дека немаат сите жители на Стариот дел на своите дозволи место на живеење токму од Стар град, а за туристите воопшто да не стане збор.
Која е логиката да плаќаат за картичките по 150 денари?
Ова е директен удар врз туризмот.
Има сопственици на имот од овој дел што живеат надвор од Охрид. Како ќе го остварат тие своето право на картички за да можат да влезат во стариот дел на градот?
СДСМ еднаш ја призна грешката со начинот на управувањето на паркинзите што ја поремети туристичката сезона и живеењето.
Зошто ја повторувате истата грешка за финансиска загуба кај народот?“, изјави Пецаков.

Пецаков потенцира дека свесно ги зголемуваат трошоците за живот на охриѓани и трошоците на престојот на гостите кои го посетуваат Охрид.

„Го повикуваме градоначалникот Стојаноски секој проект кој како Локална самоуправа сакаат да го спроведат, да се направи сериозна анализа од сите аспекти коишто ќе доведат до издржано решение а не избрзан проект проследен со низа недостатоци како зонското паркирање и режимот на сообраќај во стариот дел на градот“, заврши Д-р Кирил Пецаков.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk