ВМРО-ДПМНЕ: Амандманите имаат за цел усогласување на Законот за јазици со Уставот

ВМРО-ДПМНЕ го предупредува СДСМ дека нема да избега од фактот што Законот за двојазичност е во целосна спротивност со Уставот на државата. За тоа секојдневно предупредуваат бројни експерти и јазичари, а неуставноста на законот ја потврди и Претседателот на државата.

„СДСМ за да ја спаси коалицијата ја злоупотреби употребата на европското знаменце и сака да создаде паралелен и поделен систем во државата менувајќи го карактерот и загрозувајќи ги суверенитетот и унитарноста на државата. Овој закон нема да го унапреди животот на граѓаните на Република Македонија, напротив ќе создаде нефункционален и непрактичен систем“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата додава дека граѓаните, државата и Уставот не смеат да бидат жртви на уцени и пазарења со цел задоволување на одредени политички апетити и дека амандманите имаат за цел усогласување на законот со Уставот на Државата.

„СДСМ и Зоран Заев ќе ја имаат поддршката на ВМРО-ДПМНЕ во обезбедување на парламентарно мнозинство и стабилност на владата доколку не потпаѓа на уцените кои се на штета на државата и да не го донесе неуставниот закон за јазици. ВМРО-ДПМНЕ стои на располагање да учествува во изработка на ново законско решение кое е уставно, практично и применливо“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk