Вечерва свеченото отворање на „Охридско лето“

Вечерва „Охридско лето“ традиционално на Античкиот театар ќе започне со почеток во 21 часот.

Големите оперски ѕвезди, сопранистката Елена Мошуц и тенорот Калин Братеску, под диригентската палка на Николае Молдовеану и во придружба на оркестарот на Македонската филхармонија ќе приредат незаборавно доживување за посетителите на Антички театар.

„Одбравме репертоар од најпознати, најпопуларни оперски арии и се надеваме дека ќе уживате во прекрасната вечер на која ќе настапиме заедно со оркестарот на Македонската филхармонија“, изјави Елена Мошуц.

Тенорот Калин Братеску изјави дека со Елена соработувале долго време. Првпат настапиле со операта „Трубадур“.

„Ви ветуваме заедно со маестро Молдовеану и оркестарот на Македонската филхармонија еден прекрасен концерт“, најави тенорот Братеску.

Маестро Николае Молдовеану веќе имал можност да соработува со Македонската филхармонија.

„Концертот ќе го почнеме со една увертира, а потоа продолжуваме со италијански оперски дела, и со неколку француски арии од опери. Би кажал дека ќе стане збор за еден популарен репертоар којшто е познат на сите, бидејќи вакви концерти од отворен тип не се обични културни настани, туку имаат и свое политичко значење затоа што ние уметниците сме еден вид амабасадори на културата кои пробуваме на своевиден начин да помогнеме во зачувувањето на мирот“, рече маестро Молдовеану.

За отворен, Фестивалот ќе го прогласи покровителот, Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk